Сум слушнал дека демократија е некакво име што би требало да значи: Владеење на народот….!!! Етимолошки, мислам дека овој збор е кованица од грчките зборови: димос = јавност и кратос = држава. Од тука (барем според моето поимање на нештата), демократија (треба да) значи: Јавна држава. Во превод, целото функционирање на така уредената држава мора да биде јавно.
Ако сакаме да одиме уште подлабоко во разглобување на терминот Јавна држава, (бидејќи „јавна“ е со јасно значење) и ако видиме дека зборот„држава“ доаѓа од старослоенскиот збор „державы“, „овластувања“, или державe што значи моќ, ќе видиме дека зборот демократија би требало да значи јавни овластувања или јавна моќ. Спротивно од ова, барем како што е случајот во нашата држава, демократија во суштина ниту значи јавна држава, ниту пак значи владеење на народот.
Кај нас, демократија значи владеење со народот. Меѓу истиот тој народ, со кого владеат оние коишто од него ги добиваат овласуватањата, многу често ќе чуеме застрашувачки пораки од типот: “Не играј си со државата. Може да ти се качи на глава, да ти се обеси на вратот. Може да те касне за јазик, да те онеми”. Фактички, овие пораки, во нашиов случај, целосно се оправдани. Што недостига или што е тука неефикасно и неполезно за оној (граѓанинот), за кој ова општествено уредување треба да биде од полза…?! Насоката на повратниот ефект од јавното влдеење… Проблемот е во насоката, во нивото на свест и однесувањето на граѓаните кон јавната држава. Граѓанинот треба да ја задолжи државата да биде јавна во целост, и таа да се плаши и да не се поигрува со народот.
Кога тие што се претставници на ДРЖАВАТА, и оние коишто се вработени во државните институции, ќе го почитуваат и ќе се плашат од граѓанинот, којшто патем ќе знае да ја ползува силата што му е дадена во негови раце, тогаш ќе можеме да ги уживаме плодовите на демократијата. Сè до тогаш, ќе си играме демократија, како што малите деца си играат доктори, полицајци, учители, продавачи и сл. На овој начин, ние, СИ ИГРАМЕ ЖИВОТ.