Грчките пожарникари веќе петти ден се борат да ги сопрат пожарите во Еврос, Александрополис и во шумата Дадија.
Како што јави Екатимерини, пожарите се уште беснеат во другите региони на земјата, а главните фронтови каде пожарникарите се борат со пламените јазици се во Евија, Самотраки, Макракоми и Родопи на истокот од земјата.
Грчките пожарникари во регионот на Еврос во северна Грција вчера извлекоа тела на 18 лица за кои веруваат дека можеби биле мигранти, пренесува Њу Јорк Тајмс.
Јагленисаните останки се пронајдени во близина на барака на границата на шумата Дадија, изјави портпаролот на грчката противпожарна служба. Нема извештаи за исчезнати лица во областа, па властите рекоа дека ја испитуваат можноста загинатите да се мигранти. Регионот Еврос е на границата со Турција и е премин за илјадници мигранти кои сакаат да влезат во Европа преку Грција.
Шумски пожари беснеат летово низ цела Грција. Покрај големиот пожар во регионот на Еврос, пожарникарите се борат и со пожарите на северот, како и со два пожари западно од Атина. Пожари горат и на островите Китнос и Евија.
Драган Мишев