Во Основниот суд Скопје 1 за денес е закажано рочиште за судењето за случајот „Поткуп” во кој актуелниот премиер Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица, побарал поткуп од околу 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за приватизација на државно земјиште.
Првото рочиште за случајот „Поткуп“ беше закажано на 25 јануари минатата година, а оттогаш, имаше бројни одложувања. Последното рочиште беше одложено по барање на Заев кој во истиот термин имал средба со претставници на ОБСЕ, околу насилството во Собранието.
Според обвинителството, половина од парите, наводно требало да бидат за Заев, а половина за изградба на црква во Струмица.
Одбраната на лидерот на СДСМ на едно од одложените рочишта побарала од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да бидат предадени копии од доказите за случајот, особено од наредбите од применетите посебни истражни мерки, изразувајќи сомнеж дека прислушувањето и снимањето се изведени според законот, што беше прифатено од судијката.