ЦИВИЛ – Центар за слобода покрена интересна иницијатива, насловена „Барам одговор!“, во која се повикуваат граѓанките и граѓаните да снимат видео или селфи-видео, во кое ќе постават прашање до некој политичар/политичарка или јавна личност, а кое ЦИВИЛ ќе го објави на своите онлајн канали. Прашањата можат да бидат и анонимно поставени, така што граѓаните нема да се снимат себеси, туку ситуацијата/проблемот за кои поставуваат прашање. ЦИВИЛ ќе го знае идентитетот на граѓан(к)ите и контактот, но нема да ги открива.
„На овој начин ќе ги потсетиме политичар(к)ите и јавните личности дека имаат обврска да бидат транспарентни и одговорни. Нели, избраните претставници на народот, како и јавните личности на општествената или политичката сцена, имаат обврска да им даваат извештај на оние кои ги избрале, или пред кои се појавуваат, и да им служат на граѓанките и граѓаните на оваа земја“, соопштуваат од ЦИВИЛ.
Граѓан(к)ите треба да одберат еден политичар/политичарка или јавна личност на која би ѝ поставиле прашање.
Иницијативата ги повикува сите граѓани, заинтересираните да бидат граѓански новинари, како и сите граѓански новинари кои досега учествувале на семинарите од проектот „Граѓански објектив“ или соработувале со ЦИВИЛ, преку учество на натпреварот за граѓански новинари или преку испраќање свои прилози.
Граѓаните своите прашања треба да ги испраќаат во видео формат (селфи-видео) на фејсбук страницата на ЦИВИЛ, фејсбук страницата на граѓанските новинар(к)и (приватна порака) или на [email protected].