Во време кога веќе требаше, регуларно, да бидат завршени локалните избори, денеска, завршува мандатот на градоначалниците и на советниците на општините, а допрва, треба да се одредува датумот. Локалните избори се одложени поради политичкото насилство и блокадата на системот и институциите.
Парламентарните политичките партии „се координираат“ околу датум за локалните избори, а доколку се согласат, може веднаш да се одржи собраниска седница за измени на законите со кои би им се продолжил мандатот на градоначалниците, или да се регулира работата на општините на друг начин. Во моментов, системот е закочен.
Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС) во неколку наврати апелираше за итно решавање на состојбата на локалната самоуправа, изразувајќи загриженост за нормалното функционирање на општините.
ЦИВИЛ – Центар за слобода во повеќе наврати предупредуваше на големите пропусти во текот на изборниот процес во 2016 година и во постизборниот период. Наспроти опширниот извештај од изборниот мониторинг и бројните соопштенија и анализи на ЦИВИЛ, во кои се укажува на недостатоците и се бара акција за нивно надминување, ревизија и одговорност од одговорните институции и функционери, не се презеде ниеден релевантен чекор до денешен ден.
„Го закочија системот, извршија дивјачки напад и се обидоа да убијат пратеници, го опструираат формирањето на влада, ја попречуваат работата на СЈО и на правосудството, водат валкани кампањи во и надвор од земјата, а сега, се обидуваат да внесат дополнителен хаос во системот, со цел – да продолжат со манипулација на волјата на гласачите во пресрет на локалните избори. ДИК сè уште молчи за тешките пропусти, а веќе ни подготвува нов циркус од избори. Во комбинација со опструкциите и триковите кои ги прават поразените партии и институциите кои се под нивна контрола, не можеме ништо добро да очекуваме од претстојниот изборен процес. Едноставно, системот е во хаос, а на локални избори, како што стојат работите во овој момент, ќе одиме потполно неподготвени!“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Тој во колумната објавена на 11 мај во Плусинфо и во ЦИВИЛ Медиа напиша: „Фантастично добро платената и супер-партизираната Државна изборна комисија молчи точно пет месеци по срамниот неуспех да придонесе кон спроведување слободни избори. Наместо да биде дел од решението, ДИК (о)стана најголем дел од проблемот.“
Минатата недела ДИК го стави Избирачкиот список на јавен увид на граѓаните за измена, дополнување или бришење на нивните податоци, а на 12 мај и со Збирен месечен извештај за спроведени промени во Избирачкиот список за месец април 2017.
Биљана Јордановска