Француски предлог: Кој сѐ е за, против или нешто помеѓу
Пред крајот на претседавањето со ЕУ, Франција изготви документ со предлог за олеснување на решавањето на ситуацијата со бугарското вето за датум за преговори на Република Северна Македонија, наречен „Француски предлог“.
Според првичните информации, Францускиот предлог предвидува укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија.
Северна Македонија и Бугарија, како и земјите членки на ЕУ, деновиве покрај војната во Украина, вниманието го свртеа токму кон овој предлог кој според некои, би требало да биде приближување на двете страни (македонската и бугарската) во однос на барањата од страна на Бугарија до Северна Македонија, нивно исполнување и укинување на ветото за членство (во перспектива).
Францускиот документ со предлозите поттикна жива дебата, многу негодувања за содржината, но и надеж дека патот кон ЕУ конечно ќе се откочи. Содржината на документот во земјава беше објавена од Дојче Веле, а во него се вели дека Северна Македонија ќе треба да се обврзе да го смени Уставот во брз рок за да ги внесе Бугарите во Преамбулата, а потоа и да донесе Акциски план за заштита на нивните права, за да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Во документот се предвидува двете земји со унилатерални декларации да и се обратат на ЕУ со објаснување за јазикот, а предлагачите ( Франција) нудат уникатно решение за организирање на две Меѓувладини конференции. Првата би се одржала на 23 јуни во Брисел, која ја претставува како „политичка“, и втората во иднина, кога Северна Македонија ќе заврши со уставните измени.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Нуредини: Да се создаде економија од одржлив начин на заштита на природата
„Дали го имаме потенцијалот? Апсолутно. Погледнете наоколу. Имаме едни од најубавите планини во регионот, па дури и во Европа, всушност на Балканот. Балканскиот зелен појас, како што се нарекува, има еден од најбогатите биодиверзитети во Европа. Затоа една од политиките на оваа влада, како и моја, е да се заштити нашата природа и да се користи на одржлив начин. Да се создаде економија од тоа. Тоа е зелената агенда. Да се создаде економија од користење на нашите природни ресурси на одржлив начин. Луѓето би сакале да дојдат да ги посетат нашите планини, затоа имаме нов национален парк на Шара. Затоа работиме на малешевскиот и осоговскиот планински регион. Потенцијалите се бескрајни, но тоа што треба ние да го направиме е да ги разликуваме двете – зелена агенда и кога зборуваме со меѓународната заедница, кога одиме на конференции и зборуваме за тоа и зелена агенда кога зборуваме со нашите граѓани за да им кажеме дека зелената агенда и не значи повеќе трошоци. Ако ништо друго, тоа значи подобра иднина за нас, нашите деца и нашите внуци.“, изјави Нуредини за ЦИВИЛ Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА Откажување од атомската енергија по Фукушима 2011. година, откажување од јагленот до 2030. година условено со заштита на климата. Масивно користење на обновливи енергии – Германија со сегашната влада (а имаше и со претходната) има амбициозни планови за реорганизација на енергетското снабдување. Речиси срамежливо притоа постојано беше истакнувана улогата на гасот како „премостувачка технологија“. Со други зборови: во Германија уште е потребен гас, за затоплување, во индустријата, за производство на струја. Но, не уште долго, така беше барем планот. Ова меѓутоа припаѓа на друго, минато време. Време во кое слепо се веруваше во Русија како најважен испорачувач на гас, пишува Јенс Турау за Дојче Веле.
ИЗБОРЕН ЗАКОНИК Министерот за правда Никола Тупанчески оствари работна средба со експертите од ОБСЕ/ОДИХР, Кеара Касталдо и Раул Мусеран на која се разговараше за подготовките на нов Изборен законик, информираат од Министерството за правда.
ШТРАЈК Членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска стапија во генерален штрајк барајќи линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2 806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.
САМИТ Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе одат во Брисел и ќе учествуваат на самитот Европска Унија – Западен Балкан.
ЗНАМЕ На хуманитарниот концерт за поддршка на Украина „Embrace Ukraine“ — #StrivingTogether, во главниот град на Холандија, на 21 јуни беше развиено украинско знаме долго 30 метри.
БУГАРИЈА Членовите во Комисија за надворешни работи на бугарското Народно собрание денеска ја одложија седницата на која требаше да биде разгледан предлогот на француското претседателство со ЕУ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Истрагата на Репортери без граници за смртта на украинскиот фоторепортер Макс Левин, покажува дека тој бил егзекутиран од руските војници, веројатно откако бил испрашуван и мачен. Репортери без граници објавија извештај по нивната истрага за убиството на Левин, кој беше пронајден мртов во Киевската област на 1 април, заедно со неговиот пријател, украинскиот војник Олексеј Чернишов.
*
Рафинеријата за нафта во руската област Ростов гори по напад со дронови. Пожар избувна во рафинеријата Новошахтинск во руската област Ростов, објави порталот за вести 1Rnd, пренесува Укринформ.
*
Следната недела делегација од членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе го претставува Комитетот за правни прашања и човекови права, ќе ја посети Украина.
ИНТЕРВЈУ
Нуредини: Би било срамно да се блокираат проектите што се во интерес на сите граѓани
ЦИВИЛ разговараше со Министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини за прашања поврзани со зелената политика во земјава и воопшто, при што дознаваме дека неговите ставови и планови не се само теоретски, туку и практични и до точка. За разлика од типичниот балкански политичар, г-дин Нуредини не се плаши да укаже на неуспех или доцнење во постигнувањата, давајќи цврсти аргументи и факти за сите прашања кои се решаваат за време на разговорот. И покрај огромните предизвици со кои се соочува Нуредини и за кои е свесен, откривме дека тој е оптимист во решавањето на најгорливите прашања поврзани со зелената агенда на земјата. Друг специфичен наод е дека г-дин Нуредини е склон да ја префрли одговорноста, сето тоа, на рамениците на владата, а никогаш на граѓаните.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Дали политичките лидери во Бугарија се подготвени да водат и сакаат да преземат такви ризици? Северно-македонското раководство веќе даде пример со тоа што се согласи да го смени името на државата според Договорот од Преспа, потпишан со Грција во 2018 година, и покрај огромните политички ризици кои се вклучени и како послаба страна во спорот.
Тоа го направи со разбирање дека тоа ќе и помогне да ги постигне своите надворешнополитички цели и да ја отвори вратата за пристапни преговори со ЕУ, како што беше ветено.“, прочитајте во анализата „ЕУ не смее да ги изневери своите ветувања за Западен Балкан“, од Ерван Фуере.
„Дали навистина е дојден моментот кога Балканот почнува да се европеизира без присуство на јасна европска перспектива? Дали земјите од регионот наместо непријатели можат во соседите да гледаат можни сојузници? Може ли балканските земји да го напуштаат реалистичкиот пристап во меѓународните односи, кој ги засили соништата за големи држави и да го прифатат либералниот пристап, кој претпочитува соработка и над-државни иницијативи? Имаат ли сила да побараат извинување за злоделата во минатото? Имаат ли сила да простат за да одат напред?“, прочитајте во анализата од Џелал Незири „Помирување или војна“.
БРЗА ПОШТА
„Во меѓувреме, јавниот простор станува жежок, нетрпеливоста расте и (полу)информации доаѓаат од сите страни. Она што најмалку можеме да го направиме е да се обидеме вистинските информации да стигнуваат до мнозинството граѓани и да не долеваме само масло на огнот преку јавни ставови кои всушност имаат тесен политички контекст. Има време за политика, време сите да покажеме државност.“, Брза пошта од Сотир Габелоски „Кој сака да профитира од бугарското вето?“.
Д. Тахири