„А што потоа“ е претстава на режисерката Драгана Гунин, чија премиера е закажана за 11 април (вторник) во Џебното кино во МКЦ, со почеток во 20 часот. Првата изведба ќе се одржи два дена подоцна, на 13 април (четврток) на иста локација.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со режисерката Гунин за идејата и пораката на претставата.

„Во претставата се зборува за жртвите од терористички напади и војни, конкретно, во моменталната војна во Сирија и терористичките напади кои се случија последнава година во Европа и во Азија, со осврт и на нападите кои се случувале и претходно. Претставата има документаристички пристап и поради тоа има простор за информирање и едуцирање на публиката“, вели Гунин.
Како што вели режисерката, главната порака на претставата е дека „мртвите не се статистика“.
„Нашата идеја е да ги раскажеме приказните на луѓето кои биле убиени и не можеле да ги исполнат своите соништа. Ликовите во претставата се инспирирани од вистински личности“, објаснува Гунин.
Во претставата глумат Бојан Лазаров, Јанка Лефкова, Нина Максимова, Марјан Наумов, Дарко Ристовски, Благојчо Стојанов и Емине Халил.
М. Теговска