Европската комисија порача дека величењето на воените злосторници е спротивно на најосновните европски вредности и дека за него нема место ниту во Европската Унија, ниту во земјите кандидатки. Тој став мора да биде преточен во конкретна политика. Пораката се однесува на величањето и однесувањето кон Ратко Младиќ, по неговата смрт, како „легендарен генерал“, херој, заштитник или жртва, кој како таков беше третиран и во дел од медиумските и политичките реакции во Северна Македонија и регионот.
Оттука, ЦИВИЛ, преку соопштение (30 август 2026), ги повика Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и демократските влади:
- да ги регистрираат и јавно да ги осудат случаите на негирање геноцид и глорификација на воени злосторници во официјалните извештаи и процесите за европска интеграција;
- да ја условат финансиската и политичката поддршка со доследно почитување на меѓународното право, правосилните пресуди и демократските вредности;
- да донесат одлуки за суспендирање или пренасочување на финансиската помош што ја користат влади, државни институции, политички структури и функционери кои промовираат или толерираат негирање на геноцидот и глорификација на осудени воени злосторници;
- да разгледаат конкретни политички и финансиски мерки против одговорните функционери и институции во случаите на тешко или повторено прекршување на овие принципи;
- истовремено да ја заштитат и значително да ја зголемат директната поддршка за независните медиуми, граѓанските организации, здруженијата на жртвите, образовните институции, независните интелектуалци и бранителите на човековите права во регионот кои веќе подолго време се соочуваат со притисоци и закани.
Граѓаните и демократските сили не смеат да бидат казнети за постапките на авторитарните и националистичките елити. Затоа, секоја финансиска мерка мора да биде прецизна, пропорционална и придружена со поголема поддршка за оние што се борат против ревизионизмот и политиките на омраза.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја изрази својата најостра осуда на сите форми на негирање, релативизирање, минимизирање и оправдување на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства за кои Ратко Младиќ беше правосилно осуден.
Во опширното соопштение ЦИВИЛ оцени и дека реакцијата на Владата по објавата на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ е задоцнета, селективна и недоволна. Во реакцијата на Владата особено е неприфатливо што на Китановиќ му се остава можност да ја задржи функцијата доколку едноставно ја избрише или повлече објавата.
ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува сите граѓанки и граѓани да му се приклучат на јавниот отпор против историскиот ревизионизам, негирањето на геноцидот и националистичките политики на омраза.
Да не дозволиме осудени воени злосторници да бидат претставувани како херои во наше име.
Цивил Медиа Деск
ЦИВИЛ: Глорификацијата на Ратко Младиќ е напад врз жртвите, вистината и демократскиот поредок












