„Откриените случаи на изборни злоупотреби со лични карти од починати лица се процесуираат низ институциите на системот“, потврди министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска истакнувајќи дека наскоро ќе бидат презентирани други злоутреби во центрите за социјална работа.
За случаите според кои починати лица и натаму се во Избирачки список, а нивните семејства добиваат надоместок за социјална помош, предупреди и в.д. министерката Фросина Ташевска Ременски, и за бројните откриени случаи во Тетовско го извести МВР, во бурниот предизборен предиод во 2016 г.
Мониторингот на ЦИВИЛ Центар за слобода, во пресрет на вонредните парламентарни избори дојде до сознанија за вакви случаи во Кумановско.
„Случаи на починати лица, што и натаму се во Избирачки список, голем број фантомски гласачи односно лица што не живеат на тие адреси што се внесени во списокот, стотици случаи во кои граѓанки и граѓани не можеа да го остварат своето право на глас, затоа што биле избришани од Избирачкиот список во последните неколку дена пред денот на гласање на 11 декември 2016.“
Овие се само дел од аномалиите што ги евидентираше мониторингот на ЦИВИЛ-Центар за слобода, а коишто се внесени во финалниот извештај од долгорочниот мониторинг на политичкиот процес и предвремените парламентарни избори во РМ, „Избори 2016“ публикуван од ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ ќе го мониторира и овој изборен процес за локална власт, со надеж дека Државната изборна комисија, и надлежните институции ќе ги отстранат овие аномалии, до почеток на изборите закажани за 15 октомври.
М. Талеска