Критика
Премиерот Зоран Заев синоќа во емисија на Алсат М, во врска со Законот за употреба на јазиците изјави дека кризата постои, затоа што дел од политичарите сакаат да се китат со туѓи перија, потсетувајќи ги членовите на ДУИ дека овој закон не е нивен, туку на сите кои го поддржаа и гласаа и дека истиот мора да биде во духот на „едно општество за сите“. Во врска со тоа дали има несогласување меѓу СДСМ и ДУИ бидејќи вицепремиерот, Бујар Османи, изјави дека според него законот не треба да оди во Веницијанска комисија, Заев рече дека потпретседателот на Владата заборавил на заклучокот од Влада, а тој како нејзин претседател смета дека Законот е уставен и го дефинира албанскиот јазик како втор официјален јазик, за меѓународна употреба само македонскиот јазик, а прв е македонскиот јазик.
Изборен оглас
ВМРО-ДПМНЕ на 4 јануари објави јавен повик за пријавување кандидатури за избор на претседател на државата за претседателските избори напролет. Долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев се пријавил на огласот за претседателски кандидат на неговата партија. Според неофицијалните информации, вториот кандидат што се пријавил е симпатизер на партијата кој не е експониран во јавноста.
Суд
Поранешниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски бил во скопското обвинителство на распит за снимените разговори во телефонската централата во новата зграда на обвинителството, објави „Независен весник“. Тој е последниот на листата сведоци кои досега биле повикани за овој случај кој сѐ уште се наоѓа во предистражна постапка.
Правда
Обвинителството ги отфрли кривичните пријави против 11 вработени во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје, за случајот со 12 годишното силувано девојче од домот ,,25 Мај“, за кој ЦИВИЛ објави сведоштво на нејзиниот татко. Случајот го обелодени Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) кој информораше дека девојчето морало да абортира, бидејќи забременило по сексуалното малтретирање на кое било изложено како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 Мај“ во Скопје.
Реакција
Мрежата за заштита од дискриминација во која членуваат Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Маргини, Фондација Отворено општество – Македонија, Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение ХОПС – Опции за здрав живот, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, РОМА СОС –Здружение Ромска Организација за Мултикултурна Афирмација излезе со соопштение, реакција на работата на Народниот правобранител.
Според организациите членки во Мрежата, досегашната пракса покажува дека укажувањата за потребите од преземање на мерки не се соодветен механизам во борбата против дискриминаторско и вознемирувачко однесување и постапувања од полицијата, а Народниот правобранител не мониторира дали препорачаните мерки навистина се преземаат. Тие велат дека бројот на пријави на случаи на несоодветно постапување од страна на полициски службеници расте, а неосудувањето на таквото однесување од страна на телата за еднаквост и неказнувањето на службениците од Секторот за внатрешна контрола и обвинителството, само го охрабруваат ваквото однесување и постапување и ја зголемуваат недовербата кон механизмите за заштита.
Еко – осуда
Движењето Еко Герила од Тетово денеска испрати реакција поради „несериозноста на Владата на РМ, со објавувањето на стратешкиот план за развивање на патната инфраструктура, каде Тетово е запоставено“. Во својата реакција тие бараат итно ревидирање на планот и изградба на обиколница која ќе има сериозно влијание во намалувањето на загадувањето и сообраќајот.
Иницијатива
Иницијативата „Барам одговор“ на ЦИВИЛ – Центар за слобода со која на граѓанките и граѓаните им се овозможува да поставуваат прашања и да бараат одговори од надлежните органи, кои се должни да им овозможат добри услови за живот на своите граѓани, продолжува и понатаму.
Идејата на иницијативата е преку видео граѓан(к)ите да постават прашање на политичар/политичарка, јавна личност, градоначалник/градоначалничка, институции, односно сите надлежни институции за кои сметаат дека треба да дадат одговор во однос на некое прашање кое ги засега. Прашањата во видео формат (селфи видео) граѓаните можат да ги пратат на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, Фејсбук страницата на граѓанските новинар(к)и (приватна порака) или на [email protected].
Перспективи 2019
ЦИВИЛ Медиа продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери , Акиф Кариман , Огнен Јанески , Кочо Андоновски , Младен Чадиковски и Марјан Ристески.
Б. Јордановска