Аболиција
Додека трае молкот од Канцеларијата на претседателот Ѓорѓе Иванов за пристигнатите барања за аболиција на осудените во случајот „27 април“, премиерот Зоран Заев тврди дека тој нема ниту законска можност ниту доволно време за да дава некаква амнестија или аболиција.
Заев се повикува на последните законски измени за помилувањето, во забраните за носење на такви одлуки во предизборен период како и на роковите според кој на Иванов ќе му истече мандатот пред да престане законската забрана за амнестии и аболиции. Според нив, челнот 11 не постои.
Напад
Изутринава во 02.53 часот е спречен обид за насилен влез во кругот на касарната „Гоце Делчев“ во Скопје. Војникот што бил на стража постапувајќи според пропишаните процедури и постапки повеќе пати вербално го предупредил лицето, но откако се оглушило на предупредувањата, стражарот испукал два предупредувачки истрели во воздух.
Воена полиција, МВР и јавен обвинител излегле на местото на настанот. Сите релевантни информации и докази за настанот се предадени на надлежните органи кои работат на расчистување на случајот.
Економија
Во извештајот од ММФ објавен денеска, наведени се предизвиците со кои се соочуваат економиите почнувајќи од демографските промени, брзите промени во технологијата и зголемувањето на интеграцијата помеѓу економиите ширум светот.
Меѓународниот монетарен фонд во својот извештај наведува дека многу земји со напредни економии или економии во развој се соочуваат со притисок врз здравствениот и пензискиот систем поради стареење на населението. Од друга страна во многу земји во развој треба да се работи на создавање работни места и надградба на инфраструктурата.
Истражување
Реактор – Истражување во акција го промовираше новиот извештај од истражувањето на тема „Родово базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија“.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека жените се многу повеќе изложени на родово базирана дискриминација на работното место отколку мажите.
Наодите на студијата укажуваат дека многу мал број на случаи на родово базирана дискриминација врз жените на пазарот на труд се пријавуваат кај надлежните институции и механизмите достапни за превенција и заштита од дискриминација. Институциите одговорни за справување со родово базираната дискриминација на работно место, пак, немаат податоци за нејзината распространетост. Според интервјуираните испитаници, дискриминацијата врз основа на родот не се пријавува поради недостаток на знаење каде да се обратат, недоверба во институциите, како и долги и скапи процеси за да се докаже дискриминацијата врз жртвите.
„Пејачите“ Заев и Мицкоски
Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на синоќешниот митинг во Тетово, истакна дека Гордана Силјановска Давкова тргнала по стапките на Христијан Мицкоски, а тој по Никола Груевски.
„Има една песна се вика „Strangers in the night“, како странци во ноќта се, изгубени до крај. Затоа ќе победи Стево Пендаровски…“, изјави Заев во Тетово.
Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, кој пред некој ден (не) се прослави со пеење на митинзи, а на еден митинг пред неколку месеци падна и на колена, сепак, не сакаше да ја пропушти оваа прилика, па прокоментира дека Заев, наместо да си потпевнува „Stranger in the Night“ на митинзи, време е да ја научи „Wind of Change“, поради сѐ лошо што ѝ приредија на Македонија, и дека оваа песна ќе му ја испее народот на 21 април и на 5 мај оваа година.
Претседателски кандидати
Кандидатот за претседател, Блерим Река, беше во Брвеница во придружба со лидерот на Алијанса на Албанците, Зиадин Села и лидерот на движење Беса, Билал Касами.
„Дојде време за претседател Албанец, затоа што и Албанците се граѓани на оваа земја. За да може да го живееме концептот за една Република за сите, треба да постои реална еднаквост, а не само формална за сите граѓани на оваа земја. Македонија како мултиетничко опшество не може да функционира како моноетничка земја. Затоа на 21 април вашиот глас е глас за промена, глас против корупцијата и против неправдата“, рече Река во Брвеница.
Гордана Силјановска Давкова, се загрижи за лекарите откако прочита една објава на „Левица“ според која во последниве 3 месеци дури 83 лекари побарале дозвола од Лекарската комора да работат во странство.
„Овој егзодус на здравствените работници мора итно да се спречи затоа што граѓаните ќе нема кој да ги лечи што е неприфатливо за земја која зборува за европски стандарди“, додаде таа.
Стево Пендаровски, остана во сенката на изјавата на премиерот, ветувајќи ги истите нешта според неговата предвидена изборна политика.
СЈО
Премиерот Зоран Заев денеска настапи со многу помеки ставови околу преговорите за СЈО, а кои сѐ повеќе се приближуваат до оние на опозицијата. Додека министерката Рената Дескоска досега обвинуваше дека опозицијата бара нова амнестија со ограничување или остранување на бомбите од доказните материјали, Заев денеска тврди дека аудио материјалите можат да бидат само индиции и не можат сами по себе да служат како докази.
„Да не создаваме филмови и фантастични очекувања“ – ова е најновото барање на премиерот Зоран Заев, поврзано со преговорите за Специјалното Јавно Обвинителство, кои според него течат понатаму. Заев тоа го оправдува со фактот дека граѓаните не му дале двотретинско мнозинство на парламентарните избори, така што, соодветно на тоа мнозинство, ќе се одреди какво решение ќе се носи за СЈО.
Избори
По вчерашната успешна конференција „Какви избори – таква иднина“ во организација на ЦИВИЛ, денеска на веб-страницата civilmedia.mk може да се проследат излагањата на сите говорници што дадоа свој придонес на овој настан посветен на претстојните претседателски избори.
За потсетување, за различните аспекти на изборниот процес говореа: претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, заменик министерот за администрација, Александар Бајдевски, државниот советник при Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, уредникот на „Слободен печат“, Бранко Героски, политичкиот аналитичар, Сашо Орданоски и претседателката на Инклузива, Благица Димитровска.
Ден на протестот
Одбележувањето на Денот на протестот и оваа година е во организација на ЦИВИЛ и група активистки и активисти, како продолжение на иницијативата на фотографот Александар Кондев. Со видео проекција на фотографии и видео записи, музика и говори, настанот ќе започне во 14 часот кај Споменикот на загинатите војници 1991-1992, пред кафулето „Гарсон“. Присутните граѓанки и граѓани ќе имаат можност да се потсетат на протестите во периодот 2014 – 2016 година, почнувајќи од студентските протести, движењето Протестирам/Protestoj, сѐ до Шарената револуција.
ЦИВИЛ ќе поднесе иницијатива до Собранието на Република Северна Македонија да го прогласи 12 април за Ден на протестот, во чест на прогресивните, продемократски вредности за кои се залагаат огромен број граѓанки и граѓани во земјава.
Б. Јордановска