Кога Русија го загрозува светскиот мир со закана за употреба на нуклеарно оружје, Русија прави војна и бомбардира една суверена држава како што е Украина нема како да седиме мирни ние на Западен Балкан. Имено, јас и во мојот говор истакнав дека во нашата земја има партии кои се основани од Александар Дугин, кој е главата на руските политики и ова вие добро го знаете. Има медиуми, има телевизии и кому не му одговара мирот и стабилноста во Македонија и на Балканот? Секако дека Русија сака да има воени огништа насекаде за да ја прошири окупацијата што и ја има направено на Украина, изјави претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.
Тој ова го кажа на денешната прес-конференција за време на најавата на предизборната коалиција со претседателот на Движењето на народот, Скендер Реџепи – Зејд.
На прашањето околу изјавата на Крешник Бектеши со која испрати предизвик кој ќе изгуби на изборите да се повлече од политиката, како и дали ако ДУИ изгуби на изборите или можеби не формира влада би се повлекле од политиката, Ахмети упати на предлогот даден минатата година до ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ е спремна на истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата доколку е тоа предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени.
-Од големо значење е Уставот да се промени, земјата да се зачлени во ЕУ. Овде сме за мисијата, и нашата мисија е ЕУ, подвлече лидерот на ДУИ.
Додека во однос на прашањето во врска со Законот за рестриктивните мерки по последното дополнување на „црната листа“ на Стејт департментот на САД, како и во врска со градоначланикот на Струга Рамиз Мерко, кој исто така се наоѓа на „црната листа“ на САД, а се уште е активен, Ахмети рече дека Законот е во Собрание, но е блокиран, но уверува дека во иднина ќе помине.
-Ние не ја оспоруваме одлуката на Стејт департментот апсолутно и ќе прифаќаме секаква проценка што ја прави Стејт департментот. САД за нас е најважниот стратешки партнер како што е и ЕУ, посочи Ахмети.
Харис Сулејман