Бугарскиот премиер Росен Жељазков поднесе оставка во четврток по неколку недели масовни протести против владата низ повеќе градови во земјата.
Објавата дојде кратко пред Владата да се соочи со уште едно гласање за доверба, шесто откако ја презеде власта во јануари оваа година.
„Протестот доведе до широк народен консензус против мафијата, што е поважно од сите разлики“, изјави Желјасков. „Народот го престигна парламентот и вечерва гласаше недоверба на кабинетот. Невиден број Бугари од сите возрасти и партии го сторија тоа на плоштадите во Софија, Пловдив, Варна, Бургас… низ цела Бугарија и Европа.“
51-то Народно собрание ја прифати оставката на кабинетот „Жељазков“. Пратениците на 51-то Народно собрание ја прифатија оставката на министрите предводени од Росен Жељазков. 227 пратеници гласаа едногласно „За“. Премиерот и неговите министри, како и лидерите на ГЕРБ Бојко Борисов и „ДПС – Нов почеток“ Делјан Пеевски беа отсутни од салата.
Во согласност со член 99, став 1 од Уставот, шефот на државата Румен Радев ќе одржи консултации со претставници на пратеничките групи во 51-то Народно собрание, соопштија од кабинетот на Желјазков.
Во Бугарија се одржаа седум предвремени избори од масовните протести против корупцијата во 2020 година против владата на Борисов.
Масовните протести што започнаа во ноември беа предизвикани од контроверзниот предлог за буџет кој наметна повисоки даноци за приватниот сектор, а воедно насочи повеќе средства кон државниот сектор – но, на крајот, буџетот беше само искра.
Вистинската движечка сила зад демонстрациите беше поширокото незадоволство од самата влада. Она што започна како економска жалба брзо прерасна во национално движење кое повикува на одговорност, транспарентност и ново лидерство.
„Нашата желба е да се издигнеме на нивото на она што општеството го очекува. Во овој момент, како што диктира уставот, моќта произлегува од гласот на народот. Го слушаме гласот на граѓаните кои протестираат против владата“, рече Жељазков.
Д. Т.
















































