Државната изборна комисија денеска одлучуваше за редоследот на партиите на гласачките ливчиња, односно, под кои редни броеви – 19 партии и коалиции, 63 независни кандидати за градоначалници и за совети ќе учествуваат на Локалните избори 2017.
Неочекувано, присуствуваа овластени претставници од речиси сите политички партии, коишто со влечење жрепка одлучуваа под кој реден број на гласачкото ливче, ќе се наоѓаа нивниот кандидат или носителот на советничката листа.
Според редоследот на гласачкото ливче, ДУИ е со реден број 3, ВМРО-ДПМНЕ е со реден број 7, а коалицијата предводена од оваа партија е со реден број 13, Беса е 14-та на гласачкото ливче, а ДПА 15-та, Коалицијата предводена од СДСМ е на 19-то место, Левица е со реден број 16, а Сојузот на Ромите – број 18.
Најдоцна до 21 септември, Општинските изборни комисии треба да ги објават листите на кандидати за членови на општински совети и за градоначалник.
Локалните избори ќе се одвиваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.
Изборната кампања ќе почне на 25 септември.