Американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е целосно подготвен и Кијив чека време и место за негово потпишување, изјави во неделата претседателот Володимир Зеленски, посочувајќи дека разговорите за време на викендот со Русија во Абу Даби постигнаа одреден напредок, објави Ројтерс.
„За нас, безбедносните гаранции се пред сè гаранции за безбедност од Соединетите Американски Држави. Документот е 100% подготвен и чекаме нашите партнери да го потврдат датумот и местото кога ќе го потпишеме“, изјави Зеленски на прес-конференција за време на посетата на Вилнус, главниот град на Литванија.
„Потоа документот ќе биде испратен на ратификација до Конгресот на САД и украинскиот парламент“, рече тој.
Во петокот и саботата, украинските и руските преговарачи го одржаа својот прв трилатерален состанок, вклучувајќи ги и американските медијатори, во Абу Даби, за да разговараат за рамката на Вашингтон за ставање крај на речиси четиригодишната војна, но не се постигна договор.
Сепак, според Ројтерс, од Москва и Кијив изјавија дека се отворени за понатамошен дијалог и дека се очекуваат повеќе дискусии следната недела во Абу Даби, изјави американски функционер за новинарите веднаш по разговорите за време на викендот.
„Во Абу Даби се дискутира за планот од 20 точки (на САД) и проблематичните прашања. Имаше многу проблематични прашања, но сега ги има помалку“, рече Зеленски.
Тој рече дека Москва сака да направи сè што е можно за да ја натера Украина да ги напушти источните региони што Москва не можеше да ги освои по нејзината целосна инвазија што ја предизвика војната. Но, Кијив, рече тој, не се поместил од својата позиција дека територијалниот интегритет на Украина мора да се почитува.
„Ова се две фундаментално различни позиции – украинската и руската. Американците се обидуваат да најдат компромис“, рече Зеленски, додавајќи дека сите страни мора да бидат подготвени за компромис, вклучително и Американците.
Д. Т.















































