Државниот врв денеска на координативен состанок ќе ја разгледува иницијалната рамка за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, која ја предложи медијаторот Метју Нимиц, на 17 јануари во Њујорк.
Состанокот, кој вчера и официјално беше најавен од Министерството за надворешни работи, ќе се одржи во 18 часот, во Клубот на пратеници.
На состанокот ќе учествуваат претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Од МНР соопштија дека по завршувањето на средбата не е предвидена прес-конференција и изјави за медиумите.
Посредникот на ОН во разговорите за името, Нимиц, на 17 јануари по средбата со македонскиот и со грчкиот преговарач, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, во седиштетот на ОН изјави дека има големи надежи дека овој процес се движи во позитивна насока и дека на повидок е решение на спорот за името.
Нимиц во Атина ќе биде на 29 и 30 јануари, во Скопје на 31 јануари и 1 февруари.
Д.М.