Хибридни закани како по учебник, кои треба да создадат страв и паника кај граѓаните и недоверба во државните институции. Глобална хибридна војна која не ја водат ученици, и треба да бидеме свесни дека војната која ја води Русија не е само на бојното поле во Украина, туку се води и на интернет и ова е вистински пример како тоа се прави, изјави професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
„Овие хибридни закани се дел од хибридната војна која Русија ја води против овој дел од светот. Не смее никој да има дилема во такво нешто. Најголем дел од овие закани јас ги гледам како дел од хибридната војна која Русија ја води против земјите членки на НАТО. Ако ние сме последна земја која се приклучи на НАТО, сè уште ранливи во фазата на размена на информации и затоа веројатно ние сме и целта на овие напади најмногу, повеќе од сите други држави. Можноста во овој момент да откриете од кое точно место во Русија се испраќаат овие закани е еднаква на нула“, изјави Дујовски.
Изјавата на Дујовски доаѓа откако денеска, околу 09:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на девет училишта, МНР, ГТЦ, Џевахир сити, ТЦ Ист гејт е упатена закана за поставена експлозивна направа.
М. Д.