Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска изјави дека средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Охрид претставува историска можност.
Ова е навистина можност да се оддалечиме од настаните од 90-тите и случувањата од 1999 година, и да се тргне во 21. век, изјави Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, ова е можност не само за Белград и Приштина, туку и за целиот регион.
Ескобар присуствува на состанокот во Охрид како набљудувач.
На прашањето кои се неговите реални очекувања од денешната средба, тој одговори дека најголемо очекување е финализирање на имплементацијата на анексот на договорот за нормализација.
Ескобар посочи дека договорот за нормализација создава мирни, предвидливи и пријателски односи меѓу Белград и Приштина и „ја отвора вратата за двете страни побрзо да влезат во евроатлантските структури“.
Г. Т.