Над три тони вода, пакети со пелени, детски кашички, паштети и хигиенски средства до семејствата од загрозените подрачја во поплавите, за четири дена дистрибуираше до настраданите од поплавите граѓанската организација „Легис“ од Скопје.
„Најмногу сме сконцентрирани во населбата ‘Ченто’. Со 16 волонтери, од нив најголем број претставници на ‘Легис’, сме лоцирани на улица ‘Томас Минцер’. Помагаме и во чистење на куќите од калта“, изјави за за ЦИВИЛ Медиа, Јасмин Реџепи од „Легис“.
Оваа граѓанска организација хуманитарните пратки ги остава на улиците во населените места, за граѓаните да може да го земат тоа што им е потребно.
„Досега не се случило некој да направи злоупотреба. Нашиот тим е добро менаџиран, а има и меѓународни искуства со вакви непогоди. Она што ние го согледуваме на терен, е потребата од итно вклучување на механизација, багери и камиони, за да се тргне ѓубрето, шутот од куќите, со цел – теренот полека да станува прооден“, оценува Реџепи.
Тој смета дека бројните граѓански организации коишто се активни во поплавените подрачја треба да воспостават меѓусебна соработка. Според него, со подобра координација треба да се обезбеди што поквалитетно покривање на теренот со сите производи што им се неопходни на граѓаните, кои едвај успеваат да се справат со последиците од поплавите.
Граѓанскиот активист Драган Додевски, еден од иницијаторите на социјалните мрежи за самоорганизирање на граѓаните за помош на настраданите, вчера во интервју за ЦИВИЛ Медиа посочи дека, дел од хуманитарните пратки се злоупотребуваат, а ја истакна и злоупотребата со помошта, преку дистрибуција по партиска, национална и верска основа.
Климентина Ѓорѓиоска