Демократската унија за интеграција ноќеска до полноќ, не успеа да донесе конечна одлука за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот Бујар Османи изјави дека сé уште не е донесена конечна одлука и дека разговорите ќе продолжат и наредните денови.
„ДУИ започна сеопфатен процес на консултации, во партијата, со нашите членови, пријатели во меѓународната заедница и имавме сеопфатна дебата за петте предлози кои беа на маса. Од последните состаноци, едногласно одлучивме дека таа дебата не може да биде денес исцрпена, за било која од петте опции и остануваат сите опции отворени“, изјави Османи.
Со став синоќа излезе и ВМРО-ДПМНЕ и ја информираше јавноста дека договор за коалицирање со ДУИ не е постигнат.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата ‘За подобра Македонија’, како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување, и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план. Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели. Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова, неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и на прогласот, усвоен на 17 декември 2016-та година“, стои во соопштението од партијата.
Сега на потег е претседателот Иванов. Додека ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори, а СДСМ чека Груевски да го врати мандатот за состав на нова влада да му биде доделен на Заев, Иванов молчи.