Како што за нашата јавност станува извесно, изборите на Балканот што се во тек се под сериозна пресија од надворешни инфлуенци. Оние во Словенија завршија минатиот викенд во некаква лимбо ситуација, но со откривање на влијанието на израелските „модератори“, за што на овој сајт веќе навреме навестивме.
Ова сознание секако направи во однос на овој надворешен фактор да се рашират зениците, бидејќи, наивноста кон намесниците на Бенјамин Нетанјаху доста долго опстојува на Полуостровот, иако таа – како што ја нарекуваат – „отровна машина“ си прави ефект. Словенечката епизода само требаше да ја потврди ефикасноста на израелската субверзија која за малку ќе ја симнеше комплетно од извршната власта екипата на премиерот Голоб и неговата лево-центристичка власт со убедлив резултат. Но во последен миг, делумно и заради јасната објава за вмешаноста на споменатиот надворешен фактор, резултатот се израмни. Формирањето на идната власт е политички непредвидлив, бидејќи, зависи од каприците на малите партии.
Одомаќени советници водат кампања во пантофли
Но еве стигнаа и локалните избори во Србија каде што просто не е можно да се очекува дека токму тој фактор нема да има свое влијание. Но тука, како резултат на своја повеќегодишна одомаќеност, советниците се чувствуваат покомотно, кампањата ја водат во пантофли. Ова секако не важи за оние на кои им се дава услуга.
За ранетата суета на претседателот Вучиќ, но и намалената стабилност која се забележува во последно време – би рекле, најмалку пет-шест години по ред – ситуацијата станува посложена. Врвот на кризата кулминираше лани, на половината на март, на оној гигантски митинг каде власта употреби репресивни средства (т.н. воздушен топ, чија употреба е лимитирана со според меѓународното хуманитарно право), а при тоа направи серија кадровски смени во војската и полицијата, за што ЦИВИЛ веќе објави детална анализа тогаш. Вината на смената на врвот во овие два механизми беше изјавата на тргнатите од функции старешини дека одбивале да пукаат во својот народ ако дојде до насилно преземање на институциите. Тоа значеше дека таква наредба постои!
Оттаму, Вучиќ не сака преку неуспехот на локалните избори во 10 општини, што ќе се одржат во недела, да се стекне впечаток дека неговата фотелја е доведена во прашање и дека на наредните, непрецизирани со датум претседателски избори нему ќе му падне „круната од главата“, а тоа е пред отворањето на врвниот спектакл „Експо 2027“, за што се поврзани многу групни профитабилни релации.
Секако и затоа трикратниот претседател на Србија води изборна кампања за локалните избори спротивно на сите прописи – освен што тие се одобрени од израелските советници. Предизборните видеа на неговата партија се емитуваат нашироко на јавните и режимските телевизии, ниедна друга партија нема шанса за нешто слично, сите прописи поврзани со изборите се прекршени. Самиот диктатор, како што вели опозицијата, врти џингл за фактот дека парламентарните избори ќе се одржат кога „властите ќе одлучат“, што секако значи кога тој самиот ќе одлучи.
Вучиќ ги злоупотребува „жртвите на НАТО агресијата“
Сè што прави Вучиќ последните два месеци е неминовно преземање на чекори одобрени од неговите советници, вклучувајќи го и овој последниот, а тоа е масовно организирање на собири на кои се обновува сеќавањето на „жртвите на НАТО агресијата“ од март до јуни 1999 година, за што ама баш нема никаков повод сега. А особено ако со овој опсег на историски реминисценции се споменуваат „жртви од Србија во периодот 1991 – 1999 година“, официјално како парола премолчено, ама ако се погледнат снимките што од терен, во постојани вклучување во живо на 24 март ги правеше РТС, така срочената манифестација станува официјална! Тука е јасно дека има марифет.
Најнапред, сè до декември 2025 година, додека потенцијалниот инвеститор Кушнер опстојуваше на идејата да ги претвори зградите на срушениот Генералштаб на тогашната југо-армија (онаа во скусен состав) во луксузен станбено-деловен комплекс, никој не смеел да говори за нападот на НАТО авионите на Србија. Сосема јасно, би се расипал бизнисот, ама протестите кои беа масовни на улиците доведоа до тоа Кушнер да се откаже од „инвестицијата на векот“.
Што произлегува од ова незадоволство? Па дека Вучиќ изгубил приврзаници од кругот и на оние сегменти на општеството на кои до сега се потпирал! Ако Кушнер, зетот на Трамп, не го однесеше капиталот во Албанија, таа загуба претседателот би ја издржал, би барал некое друго чаре, ама вака, ем нема странски пари во земјата, ем многу сентименти кои му го чувале грбот сега гледано персонализирано, чкртаат со забите кога ќе му се спомене името.
Нешто мора да се преземе и тоа итно, како што се приближуваат изборите, а избрана е варијанта овие митинзи (не многу посетени ако се гледаат снимките) да се поврзат со две други пропагандни дејствија. Најпрвин, заострување на односите со дел од соседите (Хрватска. Албанија, Косово), потоа увозот на скапи далекуметни ракети од Кина „со кои може лесно да се дофати Загреб“, како што е речено) што внесува некаков патриотски набој во општеството. Карта за играње која советниците секогаш му ја препорачуваат на Вучиќ. Особено ако тоа малку сокриено се префрлува на жртвите кои Србија ги дала во југословенските војни во последната деценија од минатиот век! А кои таа – да се потсетиме – отворено ги предизвикуваше со воените дејствија од своја страна.
Во еден текст во „Време“ се вели дека ваквите тактики се „малку поинтелигентни од диктаторот“, при што се мисли и на другите чекори кои централната власт ги презема. Тука влегува и фактот дека власта е губитник, која кај нас, ако гледаме од страна на настаните во Србија можеби и да не се забележува, ама локално е видливо дека во таа насока постојат двојни и тројни идентични изјави – Брнабиќ е секако тука во првиот миг – дека „блокаторите“ имаат секаква предност на локалните избори.
Многу аналитичари сметаат дека во ваквите чекори мора Израелецот Срулик Ајнхорн, како и неговите претходници од земјата на Јудеите, да го одржува својот бизнис во Србија: се чини логично дека ако најпвин работел споменатиот во Словенија, а за еден месец ќе следи поголем пазар во Унгарија, она што му се случува „пред врата“ не би го пропуштил.
Бинисот со оружје за Израел како подлога за советнички услуги
Сепак би се рекло дека работа во белградската канцеларија на провладината пропаганда е наједноставна за наемниците од другите балкански задачи. Предусловите се таму за нив стабилни подолго време, власта има зад себе речиси 14 години изборни успеси, почвата е плодна. Сегашната изборна кампања како „машина за отров“, како што веќе е наречен Ајнхорн и опширно анализиран во нережимските медиуми во Србија, во Данас и на N1, пред сè. Се споменува и прекарот „агент на хаосот“.
Колку може да биде успешен, останува да се види.
Во секој случај, како противуслуга, Вучиќ е дарежлив кон Израел. Пред некоја недела најмалку два големи воени транспортери биле наполнети со српско оружје и заминале за да ја засилат борбената кампања кон Иран и Либан.
Весникот „Хаарец“ пишува дека компанијата на Ајнхорн во Србија заработила 2,3 милиони долари од „услуги на странски пазар“ во периодот од април до декември 2024 година. На крајот од минатиот април, БИРН, по истражувањето со Хаарец, напиша дека „Ајнхорн помогнал во организирањето состаноци на највисоко ниво кои биле важни за почетокот на извозот на српска муниција во Израел преку Црна Гора“.
Да се вратиме малку наназад кога говориме за политичките кампања. Ајнхорн работел за претседателот на Србија од 2020 година, и тоа во кампања за претставување на Вучиќ на Запад во позитивно светло. Долгорочно, работата за Вучиќ претпоставувала да се има влијание кон американските демократи (од 2020 година), Вучиќ „да биде гостин на популарни светски подкасти, како и да биде наратор во историска мини-серија за Србија“, пишува БИРН. Покрај тоа, било планирано да се постават билборди во западните престолнини, на кои Вучиќ ги фали „економските достигнувања на Србија“.
Значи Ајнхорн има добар мотив да ја избере Србија како свој нов дом: српскиот претседател Александар Вучиќ е меѓу неговите клиенти. Не е јасно кога точно Израелецот почнал да ги советува Вучиќ и неговата Српска напредна партија. Сведоштва во форма на видеа го прикажуваат во 2020 година како со членови на СНС ја прославува победата на парламентарните избори.
„Набргу по рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, Србија беше критикувана за нејзината политика на балансирање помеѓу Западот и Истокот. Вучиќ сè уште одбиваше да воведе санкции против Русија, но во исто време дозволуваше индиректна испорака на српски воен материјал во Украина. Во оваа ситуација, Ајнхорн требаше да работи на подобрување на угледот на Вучиќ во странство. Тој планираше да ангажира истакнати новинари кои ќе пишуваат позитивно за Вучиќ, да поставуваат билборди во Њујорк и да му овозможат да се појави на најпопуларните подкасти во САД.“
Поголемиот дел од тоа остана само во фаза на намера. Мора да се признае, самиот Ајнхорн напишал пофална колумна за Вучиќ во „Јерусалим пост“. Ајнхорн ги искористил своите контакти во Србија за да посредува во испораката на српска муниција во Израел по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Вучиќ потврдил дека Србија веќе го добила барањето на Израел за продажба на муниција на 8 октомври. „Муницијата беше доставена во рок од четири дена – и покрај бирократските пречки.“
Една од дилемите во врска со Ајнхорн е дали тој работи сам или има тим?
„Случајот Ајнхорн го привлече вниманието на српската јавност кон улогата на израелските советници за односи со јавноста. Бидејќи тој е далеку од тоа да биде првиот или единствениот советник од Израел; тие имаат силно присуство во Србија и на Балканот, а политичарите со задоволство ги користат нивните услуги. Израел, како мала земја со жива демократија и разновиден партиски пејзаж, произведе многу извонредни политички стратези. Експертите во советодавната сцена посочуваат дека Израелците се поевтини од, на пример, Американците или Британците. Ова ги прави привлечни за посиромашните земји во Југоисточна Европа.“
Весникот ги пренесува и зборовите на белградскиот експерт за маркетинг Игор Авжнер, според кој првите странски советници дошле во Србија во 2001 година, уште по падот на Слободан Милошевиќ.
„Тоа биле првенствено Американци, а најдоцна во 2004 година, дошол Израелецот Асаф Ајзен. Тогаш и Авжнер и Ајзен работеле за Борис Тадиќ, кој станал претседател на Србија во 2004 и 2008 година. Во тоа време, Ајнхорн, актуелен и сега, се запознал и со младиот Александар Вучиќ, тогаш сè уште член на раководството на ултранационалистичката Српска радикална партија.“
Ајнхорн го советувал Вучиќ на изборите за градоначалник на Белград во 2004 година, кои тој тесно ги загубил. Вучиќ бил импресиониран од работата на неговиот советник од Израел. Според БИРН, тој го опишал во 2012 година како пријател кој засекогаш ќе му помага. Следеле и други советници од Израел. Тие му помогнале на Вучиќ и на новоформираната СНС да дојдат на власт во 2012 година – и да останат таму. „Ајнхорн е најновото дополнување“, пишува меѓу другото, швајцарскиот дневен весник Ноје Цирхер Цајтунг.
Студентите на Факултетот за организациски науки објавија на своите социјални мрежи дека Ајнхорн е креаторот на она што се чини дека е новиот слоган на Српската напредњачка партија, „подобро е да се биде ќаци отколку наци“. Кој е овој експерт за маркетинг и зошто е важен фактор во кампањите на Вучиќ?
Неодамна Вучиќ почна да ги нарекува „талибани“ што предизвика реакција на родители на студентите од Чачак кои му приредија „топол пречек“, па мораа да го бранат полицајци од три соседни града).
Израелскиот тим креира и една генерална политика и секако одговара на дневни ситуации, јасно, во корист на оној кој ги плаќа или им дава контра-услуги.
Во основа, според некои извори, Израелецот поаѓа од реалноста дека популарноста на Вучиќ опаѓа. Од нив/него – зависно дали е тој шеф на тим или работи соло – потекнува идејата Вучиќ да станува полека натпартиски водач со тоа што СНС ќе ја преземе на себе валканата слика на владеењето. Затоа се јавуваат и обиди да се формира некаква нова партија или движење или да се менуваат често луѓето во врвот на власта. Ова го тврди „Јерусалем пост“.
Ова било посебно важно за претседателската кампања во почетокот на април 2022 година. Новинарот Саша Драгојло вели дека целта на овој вид маркетиншка кампања била да се прикаже Вучиќ како натпартиски лидер, кој е „над дневнополитичките спорови“, но кој е ценет и во странство. Тој вели дека поентата била корупцијата и непопуларноста да се врзе за самата СНС, односно да се создаде слика дека „сите се исти, но само Вучиќ е вистинскиот лидер“.
Во таа смисла, на овие локални избори се јавуваат фалш нови партии кои освен што го користат зборот студентски во насловот, го нагрнуваат на себе капутот на популарноста која е несомнена ширум Србија на вистинското студентско движење. Иронично, како што му приличи, Вучиќ на новинарско прашање кој ќе победи на овие избори вели „студентите се победници во седум општини а СНС само во три“, иако ден потоа сепак додава „ние ќе победиме со 10:0“: неговата самобендисаност не издржува да се напрчи, па си ја руши тактиката.
„Сите се исти“ и кај нас
Тезата дека „сите се исти“ истовремено се пробива и во нашиот етер, паралелно со падот на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ. Ако ја следите емисијата на подкастот „Тешки муабети“ можевте да забележите во фазата на нивниот жесток судир со ВМРО-ДПМНЕ (тие беа на страна на градоналничката Данела Арсовска во нејзината битка со сопствената партија) еден од двојката водители Мечка – Миќо во емисиите не забораваше после некаква критика на власта да додаде дека „и двете големи партии се исти“, па не мора да гласате за ниту една од нив.
Односно, со валканата облека на власта, која одговара апсолутно за состојбите на теренот да се „нагрнат“ и социјалдемократите, односно тие ниту криви ни должни на себе да преземат дел од лошиот одиум на црвено-црните. Оваа тактика, која започна во Србија, од каде „прелетува на југ“ поаѓа од сознанијата на израелските мешетари дека СНС како и ВМРО-ДПМНЕ (како и десницата на Словенецот Јанша) има доволно приврзани гласачи кај кои ништо не може да ги одлепи од нивната „матица“ која е дел од големата лична и семејна корумпираност, но е и составен дел од политичката некритичност на масата.
Се смета дека вмроовците секогаш обезбедуваат меѓу 220 и 250 илјади гласови и дека ниту еден ривал не може да има толкава бројка на постојани „лепенки“. Основната цел е да се создаде – во крајна линија – потреба од неизлегување, од разочараност од постоечките партии и да се оди или кон некоја трета партија (кај нас тоа би била да речеме Левица) или просто да се седи дома.
Та зарем не се гледа дека кај нас на последните избори имаше огромна апстиненција во бројот на гласачите. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ имаше голем одлив на сопствени гласачи (200 илјади) ама тие не дојдоа на другата страна, кај кандидатите на Бихаќка.
Корумпираноста на медиумите што во земјава е видлива и од Месечината секако помага во создавањето на таква атмосфера, па сите гафови на екипата на Мицкоски, која се случува на дневна основа и тоа и на домашен и меѓународен план, не доведува до онолкав пораст на гласовите на опозицијата.
Што да се каже за српските медиуми каде сепак има неколку – и кај печатените, но и кај електронските – кои навистина успеваат да одржат баланс на силите во многу тешки периоди по нив. Затоа против нив се води, знаеме, вистинска војна.
Нема само успеси
Кампањите пак што ги водат израелските пропагандни гуруа на надворешен план се покажаа како целосно фијаско (одбојноста на Трамп кон иницијативите на Вучиќ, на пример), но истовремено беа придружени со ладење на односите на Москва кон својот најголем поддржувач на Балканот. Во еден момент официјален Белград на меѓународен план се најде во менгеме, имајќи го против себе и лутиот поглед на Брисел.
Индикативно е дека овој вториот феномен подеднакво се одрази и врз дел од десната опозиција која изнервирана од некои ненародни потези на Вучиќ, по неа, како што давањето на Јадар на германските инвеститори (на два пати) или давањето под вечен закуп на зградите на Генералштабот на инвеститорот Кушнер (и обете работи на власта и пропаднаа заради широчината на отпорот) сега се одразуваат на овие избори на сè уште лабавата поврзаност на дел од опозиционите партии со студентските листи (на вистинските студенти, „отпорашите“), што ја збунува гласачката маса во десет градови каде ќе се гласа на 29-ти март.
Во нормални времиња, изборите во десет мали заедници би имале само локално значење. Но, ова не се нормални времиња. Секоја победа на антирежимските сили би била болен пораз за Александар Вучиќ. Локалните избори секако можеби не се „пресвртница“, но носат голема симболична тежина, ако антирежимските сили победат во некои од нив.
Дури и во само една или две од нив. Самиот режим е најзаслужен за оваа симболика, бидејќи ги прогласи сите избори за судбоносни, за војна во која противниците треба да се претворат во мелено месо, пишува „Време“ во насловната сторија на новиот број, кој беше на продажба на 18 март.
„Севојно и Бор, пред сè, се издвојуваат. Бидејќи таму за прв пат, ќе има силна опозиција составена од истакнати луѓе, од кои многумина досега биле во некој вид на внатрешен егзил. Режимот не знае што да прави со нив. „За разлика од претходните парламентарни избори, сега се очекува поголема мобилизација на гласачите во некои области, што може да доведе до пад на режимскиот блок во опсег од пет до осум проценти, а во некои општини и до 10-15 проценти“, вели Душан Вучиќевиќ, политиколог и истражувач на јавното мислење.
Тој ѝ дава на опозицијата најголеми шанси во Севојно и Бор, бидејќи противниците на владата имаа солидни резултати таму и претходно. Кула и Аранѓеловац се меѓу неизвесните општини, додека Књажевац, Кладово и Мајданпек ќе бидат тежок терен за опозицијата.
Политикологот Дејан Бурсаќ вели дека поразот на напредњаците во која било средина би се сметал и за личен пораз на претседателот Александар Вучиќ, со оглед на тоа што секоја кампања е прилагодена за негова.
„Ако граѓаните сфатат дека промената на власта е можна, тоа би можело да предизвика поширок политички ефект и дополнително да ја ослабне доминацијата на СНС – потенцијално предизвикувајќи верижна реакција низ целата земја“, додава Бурсаќ, универзитетски професор.
Политичката психологија ни кажува дека нереалните очекувања можат да доведат до групна депресија и дека треба да се биде особено внимателен во толкувањето на настаните, вклучително и можните порази. Ако ги гледаме работите на тој начин, тогаш може да се каже дека антирежимскиот блок веќе постигна победа на претстојните локални избори, дури и ако СНС остане на власт на сите изборни места. Зошто?
Бидејќи нема сомнение дека во сите овие самоуправи, овој блок ќе постигне значително подобри резултати отколку на претходните локални избори, вклучително и во однос на парламентарните избори во декември 2023 година, кои всушност беа не многу силен, но важен знак дека политичката ситуација во Србија се менува.
Во оваа смисла, локалните избори од претходната година, особено оние во Косјериќ, Зајечар и Мионица, претставуваа пораз на режимот. На некои од изборните места, за прв пат, ќе има силна опозиција составена од угледни и квалитетни луѓе, од кои многумина досега беа во внатрешен егзил. Режимот навистина не знае што да прави со нив. Многу е можно СНС да премине во опозиција во некои од општините, и покрај сите злоупотреби, кражби, лажни гласачи, закани, уцени, клевети, измами и лаги, кои станаа клучен, ако не и единствен, дел од напредњачкиот идентитет – анализира Недим Сејдиновиќ во „Време“.
Ако се вратиме на почетокот и на актуелната кампања на полагање на венци на гробовите на загинатите во борбите во Југославија 1991-1999, јасно е дека се оди на создавање на воена психоза, на некакво будење на отпор кон целиот свет во кој Србија е осамена и надвор од секаква симпатија. Тоа е неминовно потег на очајник. Но тука се и веќе видените потези на носење на гласачи од Република Српска кои треба само да ја минат Дрина и комотно да си гласаат каде треба и колку што треба. А ќе се испијат и кафиња само што времето нема да ги послужи. Особено што сега се гласа само во 10 населени места, а државната машинерија целата е втренчена токму кон нив.
Формирани се партии кои треба да симулираат дека се студентски (по името), што јасно, најпрвин е видено кај нас уште пред 20 години со кандидирање на кандидати со слични презимиња како и претставниците на противничките партии на ВМРО-ДПМНЕ. На некои места, од десетте каде се гласа, такви партии има по неколку што навистина за полуписмениот или збунет гласач може да наведе да помисли дека гласа за „блокадерите“ што барем како ментална матрица е целосно недемократски уште на стартот. А јасно е дека говори дека екипата на Вучиќ е навистина сè послаба, а дека тука никаква вештина на некакви израелски мешетари не може толку да помогне. Останува само брутална нерегуларност, а за тоа е, сепак, виновна само власта. Советниците ќе си седат во пантофли пред телевизорот.
Авторски права и одговорност
© 2026 Љубомир Костовски и ЦИВИЛ – Центар за слобода
Сите права се задржани.












































