За Томислав Кежаровски, Македонија е на дното според слободата на медиуми. Тој за ЦИВИЛ го изјави следното:
Последните извештаи на „Репортери без граници“ и Фридом Хаус доволно зборуваат за тоа каква ни е состојбата во медиумскиот простор. Самиот податок дека не’ сврстуваат во земјите каде владеат режими и тоа дека од групата на делумно слободни влеговме во неслободни земји е нешто што треба да не’ загрижува и на што треба во иднина да се посвети сериозна работа. Постои цензура но, што е многу пострашно, и самоцензура. Новинарите од страв за своите работни места и „поучени“ од случаите со Кежаровски и Божиновски сами на себе си вршат пресија. Дали ситуацијата е подобра или полоша? Моментално го достигнавме дното. Не верувам дека има подолу од ова.
Кежаровски со нас ја сподели својата лична приказна како новинар:
Во моментот кога ги извршував своите работни обврски се соочував со разни притисоци. Тоа беа главно вербални закани. Кулминација на се’ беше моето притворање и осудата на 4,5 години затвор што следеше потоа. Но, она што сакам да го истакнам е дека ние новинарите, без оглед на тоа што ни се случи, не треба да се откажеме од истражувачкото новинарство.
За Кежаровски најважно е да ги решаваме проблемите. На прашањето кој е виновен за ваквата состојба тој вели:
Причинители има многу, но поважно од се’ e да тргнеме кон решавање на состојбите во медиумите. Да ги вратиме весниците и телевизиите на вистинскиот пат. Јавниот сервис треба да е за граѓаните, а не за политичките субјекти кои се на власт.
ЦИВИЛ – Центар за слобода покани неколку експерти и уредници да дадат свое мислење за состојбите со слободата на изразувањето и медиумските слободи. Овој серијал е дел од проектот за изборен мониторинг – Напред!, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.