Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово излезе со едукативно видео „Ти одлучуваш!“ за еднакво учество на лицата со попреченост во изборниот и политичкиот процес во Македонија. Здружението преку активности и проекти што ќе им овозможат на лицата со попреченост и на други ранливи групи да имаат еднакви можности за остварување и почитување на нивните човекови права, се бори и за активно вклучување во политичкиот процес, почитување и заштита на правото на глас, а со тоа и пристапност до гласачките места, упатство за гласање со сликовит приказ, толкувачи на знаковен јазик во медиумите, односно, лицата со попреченост да имаат право независно и слободно да гласаат, со еднакво пристапни услови како и сите граѓани.
Во извештајот „Пристапни избори: Мониторинг на учеството на лицата со попреченост во изборниот и политичкиот процес“, здружението посочува дека јавната свест за загарантираните права на лицата со попреченост и нивните семејства е на многу ниско ниво. Пристапноста и достапноста до физичката средина не се почитува, иако законски е регулирана.
„Имено, бројката на лицата со попреченост во Република Македонија не е воопшто занемарлива, според податоците на Светската здравстена организација таа се движи околу 15%, а недостигот на политичка волја да се адресираат нивните специфични проблеми, во голема мера придонесува за опстојување на постојната стигма, дискриминација, стереотипи и предрасуди“, стои во извештајот.