„Фридом Хаус“ денеска објави нов извештај „Земји во транзиција“ според кој, Македонија е сместена во групата на земји со транзициски влади или хибридни режими, со најголем пад на демократијата на Балканот!
Според извештајот, Македонија е во групата со Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, како и со Украина и Романија.
Македонија забележува пад по сите параметри, па така, кај демократското владеење падот е од 4,75 на 5,00. Во однос на изборниот процес, падот е од 3,75 на 4,00, судството – од 4,50 на 4,75 и корупцијата – од 4,50 на 4,75.
Вкупниот резултат за демократијата во Македонија е паднат од 4,29 на 4,43.
Највисоката оценка за демократските процеси е 1, а најниската 7.
Како причини за овие резултати во извештајот се наведени политичката криза – предизвикана од аболициите на претседателот Иванов, недостатокот на политички дијалог, контроверзното и конфликтно функционирање на државните политички институции, повеќекратното одложување на парламентарните избори и изборните нерегуларности, зголеменото политичко влијание врз судството и пречките во работата на Специјалното јавно обвинителство.
„Политичката поларизација меѓу Владата и опозицијата стана поизразена откако владејачката политичка елита се бори да остане на власт. Дејствијата на владејачката партија и политичката клима во целост, го спречија спроведувањето на итните демократски приоритети барани од Европската унија (ЕУ). Потребни се значителни реформи за да се врати земјата назад на патот на демократизацијата“, се вели во извештајот.