пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Го пишувам овој едиторијал еден ден по јавниот настан на ЦИВИЛ за младите и европските вредности. Го водеше нашата колешка Ирена, а гости ѝ беа млади луѓе кои споделија свои мисли и искуства во ова наше македонско општество. Ја почувствував таа младешка енергија, креативноста и оптимизмот, но и сенката на разочарувањето во нивните искази. Тешко ми е кога ќе помислам како дел од мојата генерација и нешто помладите од мене постигна еден „голем“ успех: го уништи општеството, го подели, го ограби и го окупира преку партиските и „дил ориентед“ политики.
Една од учесничките (Билјана Арсовска) која студирала во Љубљана и сега работи за странска фирма и пишува колумни за нашите интернет медиуми, презентира еден зрел, реалистичен, но истовремено и оптимистички поглед на нештата. Не смееме да кренеме раце од промените!“ – рече таа.
Ги слушав овие млади како зборуваат за тоа дека имаме млади и добри кадри, луѓе кои не само што разбираат што се европските вредности, туку и знаат како да ги негуваат и унапредуваат. Според нив, тоа е единствениот пат по кој може да се чекори кон сигурна иднина. Се чувствува моќта на младоста, но истовремено и неизречената осуда за ова наше разорено општество. Гледаат напредок, гледаат придвижување и подобрување на условите, но внимателни се, не покажуваат претеран оптимизам и одушевување. Ги разбирам.
Младите знаат! Општеството е поларизирано, а деструктивните и антизападни структури сè уште се присутни и моќни, за да можеме да здивнеме сите заедно, а најмногу младите. Долг е патот пред нас, преполн со предизвици. Европските вредности не се недостижни, тие се вткаени во мислите и однесувањето на младите. Европската иднина е веќе во нивните раце, но има премногу грабливи погледи кои сакаат да им ја одземат. Меѓу нив се луѓе од мојата генерација, но и многу нивни врсници, тотално отруени од моите врсници.