Дипломатите реагираат дека Македониоја се оддалечува од принципите на демократијата и од владеењето на правото! Меѓународната заедница е загрижена за правецот во кој се движи Македонија, по вчерашната изјава на претседателот Ѓорге Иванов, кој спротивно Уставот и законите, одлучи да не го додели мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој претходно достави 67 потписи, како доказ дека обезбедил парламентарно мнозинство.
Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, денеска изјави дека одлуката на претседателот Иванов, да не го додели мандатот е „разочарувачка за Америка“. Бејли го повика Иванов уште еднаш да ја разгледа својата одлука, затоа што според него, не кореспондира со демократските вредности и владеењето на правото. Бејли ги повика и соседните држави да бидат конструктивни, земајќи ја предвид политичката ситуација во Македонија.
Бејли претходно, и на социјалните мрежи ја изрази својата загриженост за новонастанатата состојба.
„Се согласувам со еврокомесарот Јоханес Хан. Загрижен сум дека Македонија се оддалечува од принципите на демократијата и на владеењето на правото, суштински вредности на НАТО“, напиша утрово американскиот амбасадор Џеј Бејли, на Твитер, споделувајќи ја пораката на еврокомесарот за проширување и добрососедски односи.
Хан на Твитер, синоќа, три пати го потврди својот став, дека Уставот мора да се почитува и дека без разлика од желбите на поединци, мандатот мора да се додели на тој кој успеал да собере мнозинство на пратеници.
„Во однос на последните случувања во Македонија: ‘Сите лидери вклучително и претседателот мора да ги почитуваат резултатите од скорешните изборите’“; „Во една демократија, парламентарното мнозинство мора да биде признаено, дури и ако тоа не му се допаѓа некому“; „Очекувам сите политички лидери и институции да дозволат демократијата да продолжи по својот правец, во интерес на граѓаните“, се трите пораки кои ги објави Хан.
На пораките на дипломатите се приклучи и известувачот во Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Иво Вајгел кој за Интернет порталот Нова ТВ, изјави дека последните политички потези на Иванов се спротивни со очекувањата на ЕП.
„Секое одолговлекување заради формални или политички причини за именување на нова влада, им штети на интересите на Македонија и е во спротивност со очекувањата на Европскиот парламент и на европските институции кои изразија подршка на патот на Македонија кон европските интеграции. Мислам дека неочекуваната одлука на Иванов може да значи продолжување на кризата и заострување на ситуацијата. Се надевам дека по одговорот што сака да го добие од партиите кои се договараат и нивното објаснување тој, сепак, ќе го даде мандатот на партијата која легитимно има право, врз основа на резултатот од изборите и доказите кој ги приложи дека има мнозинство во парламентот“, изјави Вајгл, кој верува дека и овој пат како и по одлуката за аболицирање на 56 лица, Иванов трезвено ќе размисли, ќе сфати дека погрешил и ќе ја промени својата одлука.
„Очекувам дека Иванов по оваа изјава ќе увиди што е во интерес на Македонија. Европските институции ставија јасно до знаење, а исто го направи и НАТО, дека на Македонија ѝтреба што поскоро ефикасна влада, а јас на тоа би додал дека на Македонија ѝ треба и единство околу основната цел на државата – интегрирање во ЕУ “, смета Вјгл.
Неговата загриженост е и во делот на реториката која се користи изминативе денови, а која се заснова на меѓуетнички конфликт.
„Мислам дека еднострано и тенденциозно се прави обид да се маргинализираат етнички-албанските партии и нивните гласачи. Секое одвојување на гласачите и партиите – Албанци од целовитоста на јавниот живот е опасно и неприфатливо Јас прв реков дека усогласувањето на ставовите на албанските партии во Тирана не беше среќна идеја и реков дека тоа е невообичаена пракса, но сепак, тоа не смее да биде причина поради која ќе го доведете во прашање легитимитетот на идниот мандатар“, изјави известувачот на Европскиот парламент за Македонија.
Со порака до Ѓорге Иванов, се обрати и премиерот на Република Албанија, Еди Рама кој на Твитер напиша:
„Господине Иванов, албанскиот јазик не им припаѓа на вашите непријатели, туку на уставотворен народ во земјата, без Албанците нема Македонија!“
Претседателот Ѓорге Иванов, два дена откако ја доби потврдата од Зоран Заев, за собрани 67 потписи на пратеници од новиот состав на парлементот, донесе одлука да не му го даде мандатот, со образложение дека според правните експерти има една формална-правна пречка со роковите, но како поголем проблем ја потенцираше постизборната политичка платформана партиите на етничките Албанци, како што тој повеќе пати нагласи „од туѓа држава“.