ЦИВИЛ – Центар за слобода и Министерството за внатрешни работи ќе потпишат Меморандум за соработка и партнерство денеска (3 мај) во 11 часот. Меморандумот е долго подготвувана иницијатива за граѓанско учество и соработка со МВР во областите на борбата против радикализмот и насилниот екстремизам, како и различни аспекти на контролата на оружјето.
„Овој меморандум произлегува од потребата за мултидисциплинарен пристап кон справување со најголемите предизвици на современиот свет и учество на релевантни општествени ентитети, како што се граѓанските организации, но и самите заедници. Ова е крупен чекор напред во практичната реализација на идеите за јакнење на довербата меѓу институциите и граѓанките и граѓаните на Македонија“ – изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ, во пресрет на настанот.
Подеднакво важни области кои ги опфаќа Меморандумот за соработка и партнерство меѓу ЦИВИЛ и МВР се и соработката во доменот на спречување на изборните нерегуларности и мониторингот на почитувањето на човековите права и слободи во постапувањето на полицијата во контакт со граѓанките и граѓаните.
Меморандумот јавно ќе го потпишат Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, по што ќе дадат изјави за медиумите. Потпишувањето ќе се одржи во зграда бр. 1, сала за состаноци на МВР.