Најмалку 6.326 луѓе ширум Туркије и Сирија загинаа во земјотресот со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди регионот. Бројот на загинати денеска се искачи на 4.544 во Туркије, каде што беа погодени 10 провинции, објави турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Бројот на загинатите во Сирија е повеќе од 1.782. Повеќе од 970 луѓе го загубија животот во областите под контрола на опозицијата, соопштија сириските Бели шлемови, познати и како Сириска цивилна одбрана. Во областите под владина контрола, бројот на загинати е 812, јави државната новинска агенција САНА.
Најмалку 30.474 луѓе се повредени во двете земји, според турската Влада, Белите шлемови и сириските државни медиуми.
Речиси 23 милиони луѓе низ Туркије и Сирија беа погодени од двата силни земјотреса што се случија вчера, според првичната проценка на Светската здравствена организација (СЗО).
Портпаролката на СЗО Маргарет Харис изјави за Би-Би-Си дека „многу болници едноставно го немаат она што им е потребно за да функционираат, едноставни работи како електрична енергија“. Коментирајќи го натамошниот пораст на бројот на жртвите, Харис вели дека бројот на жртвите нема да се знае додека не се расчистат сите штети предизвикани од потресите.
За жал, освен ако не им пружиме грижа на луѓето што е можно поскоро, ќе добиете луѓе кои ќе бидат многу болни на среден и долг рок поради она што го преживеаја таа ноќ. Покрај непосредната работа за давање помош на физички повредените, тие ќе мора да се фокусираат на поддршка на оние кои изгубиле членови на семејството или биле сведоци како нивните домови се уриваат, истакна Харис.
Овие луѓе се толку длабоко трауматизирани што последиците за нив би можеле да бидат многу долгорочни ако не добијат добра психосоцијална поддршка, нагласи Харис, додавајќи дека пристапот до северна Сирија за здравствените работници, каде што територијата ја држат две завојувани страни, е приоритет број еден на СЗО.