Претседателот на Собранието Талат Џафери ја констатираше оставката на пратеникот Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, кој вчера ја најави својата одлука на Фејсбук профилот. Откако Тодоров не ја образложи оставката, таа само беше констатирана.
Пратениците Мендух Тачи од ДПА и Амди Бајрам од СРМ не присуствуваат на седницата, а Антонио Милошовски сè уште не го признава изборот на Џафери за претседател на Собранието, односно за него тој се уште е пратеник.
Со половина час задоцнување, вака започна денешната собраниска седница за избор на нова Влада. Седницата треба да заврши најдоцна до утре на полноќ, до кога е законски предвидениот рок за да се изгласа влада.
Претседателот на Собранието Џафери најпрво се обрати на албански јазик, а потоа продолжи да ја води седницата на македонски. Собранието е под силно полициско обезбедување.
Како што е утврдено со Деловникот, мандатарот Зоран Заев треба да ја образложи Програмата и изборот на 25 министри кои претходно како предлог беа доставени до Собранието. За да се изгласа новата влада потребни се 61 глас.
Со 66 гласа за, пратениците го изгласаа предлогот за дневен ред на денешната седница. Пратениците потоа, не го прифатија предлогот на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за промена на Изборниот законик по итна постапка.