Косовското Специјално обвинителство поднесе обвинение против три лица за експлозијата во каналот Ибар-Лепенец на 29 ноември 2024 година.
Според соопштението, Ј.В., Д.В. и И.Д. се обвинети за кривични дела „загрозување на уставниот поредок со уништување или оштетување на јавни инсталации и опрема, „извршување терористички акт“, „недозволено поседување оружје“ и „шпионажа“.
Во обвинението се наведува дека Ј.В. и Д.В., заедно со засега непознати лица, „по претходен договор, поставиле експлозиви [приближно 20 килограми тринитротолуен „ТНТ“] во каналот“.
„Ј.В. и Д.В., се обвинети дека го активирале експлозивот преку кеса што ја врзале со јаже за бетонски столб, со што сериозно ја оштетиле бетонската конструкција на каналот Ибар-Лепенец, предизвикале прекин во снабдувањето со вода за пиење, го загрозиле производството на електрична енергија и предизвикале штета на претпријатието Ибар-Лепенец во износ од 376.774,70 евра“, се вели во соопштението од Специјалното обвинителство на Косово.
По експлозијата во каналот Зубин Поток, властите во Косово ја обвинија Србија за инцидентот, но Белград ги негираше обвинувањата.
Косово ја смета експлозијата во каналот Ибар-Лепенец за терористички чин.
Д. Т.












