Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска соопшти дека од 1 јануари 2026 година цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми по блокови, по барање на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
Првиот блок: +2,45%
Вториот блок: +2,87%
Третиот блок: +3,33%
Четвртиот блок: +3,84%
Евтината тарифа: +2,50%
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, посочи дека доколку се укинеше надоместокот од 200 денари, цената за мрежарина би пораснала од 2,03 на 2,6 денари, што би довело до значително повисоко зголемување на цената – до 8,46% за првиот блок и 13% за евтината тарифа. РКЕ останува на ставот дека надоместокот не треба да се укинува.
Според пресметките, домаќинство со потрошувачка само во првиот блок ќе плати за околу 57 денари повеќе, во првиот и втор блок околу 70 денари, додека домаќинства кои трошат во првиот, вториот и третиот блок, што се околу 14.000 домаќинства, ќе платат до 370 денари повеќе месечно. Од таму додаваат дека кај околу 4.400 домаќинства што влегуваат и во четвртиот блок, сметките ќе бидат повисоки и до 900 денари.
Истовремено, евтината струја поскапува за 2,5 отсто, што дополнително ќе се одрази кај дел од потрошувачите.















































