ВЕСТ НА ДЕНОТ Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во вторникот добило документација за модуларната болница во Тетово од Бирото за јавни набавки, а вчера после 14 часот е добиена и од Министерството за труд и социјална политика. Дури денеска истражителите почнаа со првично разгледување на истата.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Елена Димушевска: Она што го бараат институциите е жртвата да докаже дека е жртва и тоа треба да се смени со новите измени во законот.
Треба да и веруваме на зборот на жртвата. Жртвите не лажат дека се жртви. Кој сака да се влечка по судови ако не е жртва и дека не доживеала терор. Жртвите треба да докажат дека се жртва, а на сторителот му ја даваме целата слобода. Не смееме да бараме причина зошто е направено тоа дело, ако делото е направено тогаш треба да одговара сторителот“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОПИС До вчера попишани се точно 800.008 граѓани, а до утре очекуваме бројка од милион попишани граѓани. Бројот на оние кои одбиваат е незначителен, а по разговорите, кај нив повеќе нема двоумење се попишуваат. Оние кои повикуваат на бојкот, главно преку социјалнте мрежи не и мислат добро на државата. Повторувам дека пописот е статистичка, а не политичка операција, рече меѓу другото Симовски.
ИЗБОРИ Утре истекува рокот во кој Општинските изборни комисии (ОИК) треба да ги достават до Државната изборна комисија (ДИК) потврдените листи на кандидати за градоначалници и советници за претстојните локални избори.
ОБРАЗОВАНИЕ Процентот на новозаразени во училиштата вчера бил 0,01, како и во двата дена претходно, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминувааат 0,2 отсто. Според министерката Мила Царовска, тоа укажува на стабилност со вирусот во училиштата, но доколку Комисијата за заразни болести предложи промена на моделот, МОН ќе го примени..
ПРАВДА Власта воопшто не се меша во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово. Да сакаше да се меша, немаше да повика германски истражители од највисок ранг, кои што треба да ги испитаат сите околности, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.
ЗДРАВСТВО Не бегам од одговорност и од прашањата. Секогаш сум достапен за кое било прашање и обид за дефокус нема, но здравствениот систем е комплексен и мора да се менаџира, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со трагедијата во Тетово, Филипче рече дека модуларната болница била пуштена откако надлежните потврдиле дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Не престануваат партиските препукувања за пожарот во модуларната болница во Тетово во која загинаа 14 лица. Денеска во Тетово се одржа протестен марш за да има одговорност за 14 загубени животи при пожарот во тетовската модуларна болница. На протестот се извикуваа пароли против лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а имаше и судир со полицијата при обидот демонстрантите да се упатат кон седиштето на ДУИ во Мала Речица.
Градоначалничката и кандидат за Тетово, Теута Арифи, испрати меморандум за кратка изборна кампања и фер во однос на трагедија на 8 септември. Од Алијанса за Албанците истакнаа дека Теута Арифи веќе не претставува никаков авторитет ниту морален, ниту пак правен за да упатува вакви повици, да им кажува како треба да се однесуваат во кампања.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
Во тек е повикот за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Заинтересираните можат да се пријавуваат по пат на едноставна онлајн апликација до 30 септември. На медиумската платформа на организацијата достапни се и одговори на најчесто поставуваните прашања. Во овој период се спроведува и долгорочен изборен мониторинг, кој беше интензивиран од 15 август.
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
СЛОБОДНА ЗОНА
И ништо од ова немаше политички вака да се компликува, доколку Мицкоски му се извинил на Села, макар и приватно, човечки. Немаше Села сега да изигрува (лош) адвокат на Мицкоски, девалвирајќи ја својата (а и нашата) интелигенција. На пример, ако од Филипче и двајцата овие лидери интензивно бараат оставка за трагедијата во Тетовската болница, со сите разбирливи морално-политички и предизборни контексти, белки едно искрено извинување на Мицкоски до Села за настаните во Собранието на 27 април, со сите разбирливи морално-политички и предизборни контексти, не е премногу да се очекува? Барем од самиот Зијадин Села…, пишува Сашо Орданоски во „И Села сит и Мицкоски на број?’’
Во малото кралство на Мицкоски, тој е врховниот судија и може со една реченица да осуди луѓе на десетици години затвор и да каже дека истрагата во која учествуваат германски истражители не е објективна. Нему му се важни оставките. Тој се гади од Заев. И ќе победи на изборите, како и на сите избори до сега.
Бидејќи е сеприсутен, тој „знае“ дека пописот нема да биде успешен. Вели дека „има многу турбуленции“. Ништо не чини во тоа мало кралство каде што овој оклопен витез се бори за човечките правдини. И тој е решението за сите проблеми. Заедно со своите штитоносци, се разбира, читајте во едиторијалот „Храбриот витез кој „хируршки прецизно“ ќе ги отстрани владата и институциите” на Џабир Дерала
Д. Мишев