Измина точно една година, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски поднесе оставка, согласно со Договорот во Пржино, како услов во следните 100 дена да се создадат сите услови за одржување нови фер, кредибилни и демократски избори.
Изборите одложени на 24-ти април и на 5-ти јуни, конечно се одржаа на 11-ти декември 2016 година. Сега, повторно, во рацете на Груевски е мандатот за конституирање нова влада. На 9 јануари, пред 10 дена, претседателот на државата Ѓорге Иванов му го врачи мандатот, но неизвесно е дали Груевски ќе успее во намерите, или мандатот согласно со законот, ќе биде предаден на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Затоа што, овие избори ја сменија констелацијата на македонската политичка сцена, целосно. Изборните резултати се очекувани, но не даваат простор за формирање стабилна влада.
ВМРО-ДПМНЕ освои 51, СДСМ – 49, ДУИ – 10, а ДПА само две пратенички места. Но, електоратот од албанскиот етникум својата доверба им ја даде на два нови политички субјекта: Беса која доби 5 пратенички мандати и Алијанса за Албанците – 3 места во Собранието. Преговорите за нова влада се во тек. Копјата се кршат околу мандатот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и двојазичноста, засега императивни барања на партиите од етничките Албанци, застапувани од Али Ахмети. Но, ВМРО-ДПМНЕ како предводник на коалицијата „За подобра Македонија“, застапувана од Груевски, токму овие барања инсистира да бидат ставени ад акта. Македонија е во најсложена политичка криза од своето постоење.
Од 25-те години независност, Македонија 10 години е заробеник на ВМРО-ДПМНЕ!
Република Македонија е суверена унитарна држава со мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество од 8 септември 1991 година. Но, патот на демократски развој трасиран уште во првите години од осамостојувањето и јасната определба за членство во евроатланските интеграции, последниве 10 години бележат континуиран регрес. Еродирање на сите системи и државни институции, заробено судство ставено во функција на власта, пад на слободата на говорот, мито и корупција, криминал кој фатил корен во редот на политичарите од власта, нагло опаѓање на животниот стандард на граѓаните, продлабочување на класните разлики…, се само дел од негативните реперкусии од владеењето на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изминатава деценија.
Политичкиот брак меѓу ВМРО-ДПМНЕ како репрезент на македонскиот, и ДУИ на албанскиот електорат, ќе продолжеше сигурно најмалку уште еден мандат, доколку пред речиси две години, поточно на 9-ти февруари, 2015 година, лидерот на најголемата опозициона партија СДСМ, Зоран Заев не ја обзнанеше аферата „Прислушување“.
Тој најави кривични пријави против тогашниот премиер Груевски и првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков во време на „етаблирана“ авторитарна власт во рацете на владејачката клика и силни репресии и прогони на политичките опоненти, спуштени до ниво на притвори, казни и разни форми на заплашувања и притисоци врз неистомислениците, дури и меѓу обичните граѓанки и граѓани. Заев пред македонската и светска јавност емитуваше снимени телефонски разговори, најави недвосмислена борба со криминалот и корупција во општеството и ги обвини Груевски и Мијалков, како директни креатори на аферата во која, како што рече, биле прислушувани околу 20.000 граѓани, министри од Владата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, комплетната политичка, судска, медиумска и бизнис елита во Македонија…
Но, по две години, наместо финиширани судски процеси и изречени казни за сторителите на кривични дела, кои произлегуваат од аферата „Прислушување“, што би било и многу нормално во секоја развиена демократија, во Македонија фактите се делумно уништени, вистината заробена во партизираните институции, државата и натаму е слуга на партијата, граѓаните поларизирани како никогаш, а земјата во тотална агонија, со затрупан пат и без визија за евроатланските интеграции.
Почетокот на политичкиот пад на Груевски
Три месеци откако целата македонска и светска јавност беше фрапирана од содржините на „бомбите“ кои опозицијата ги објавуваше со засилен интензитет и кои отворија сериозни сомнежи за вмешаност во кривични дела на владејачката клика, на министри во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и премиерот, Груевски ја зацврсти својата позиција во партијата. На 15-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што на 3-ти март 2015 година се одржа во Куманово, од вкупно 560 делегати, со 528 гласови „за“ и едно неважечко ливче, тој е повторно избран за лидер на партијата во следните четири години. Ова е четврти претседателски мандат на Груевски, откако партиското членство првпат му даде довербата на Конгресот во Охрид во 2003-тата.
Ова беше првиот крупен чекор, со којшто се обиде, и очигледно, во голема мерка Груевски пред гласачкото тело, и успеа, да ја одигра улогата на политичка жртва. Според наводното сценарио на опозицијата, во соработка со, како што тој ги нарече „странските служби“ кои му импутираат афери и лаги, преку монтирани аудио-материјали, со цел да му го одземат легитимно добиениот премиерски мандат.
Но, меѓународната заедница не остана имуна на политичкиот и криминален скандал што го обзнани, опозициониот лидер Заев. Оттогаш, впрочем, во Македонија започна битката за враќање на демократијата и за ослободување на државните институции од партиското заробеништво. Единствена солуција за сложената политичка криза во државата беше пржинскиот Договор потпишан на 2-ри јуни, 2015-та во Скопје, меѓу лидерите на четирите најрелевантни партии на македонската политичка сцена, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од македонскиот и ДУИ и ДПА од албанскиот блок. Со ова, практично, самиот Груевски (којшто не покажа доблест на европски лидер, да поднесе оставка) беше принуден да ја потпише својата оставка, што всушност, е почетокот на падот во неговото еднодецениско авторитарно владеење.
Авторитарниот режим и тоталитарната пропаганда креирана од центрите на моќ, сепак, не беше доволна за да го „спаси“ Груевски. Тој на 15-ти јануари, 2016-та, значи, пред една година, до претседателот на Собранието ја депонираше својата оставка, како што беше договорено, 100 дена пред почетокот на предвремените парламентарни избори, закажани за 24-ти април. А, веќе на 18-ти јануари 2016 година, мандатот за формирање Влада, согласно со Договорот во Пржино, претседателот на државата Ѓорге Иванов му го предаде на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев.
Изборите закажани на 24-ти април не се одржаа, зашто не беа исполнети условите од пржинскиот Договор. Одложени беа и изборите закажани на 5-ти јуни 2016-та. Ниту беше прочистен Избирачкиот список, ниту беа исполнети условите од 15-ти септември 2015 година, новиот Специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите.
Македонија во втората половина на 2016 година, не постигна никаков посебен напредок на планот на враќање на демократијата, владеењето на правото, работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и слободата на говорот. Политичката криза се продлабочи, а со тоа, и неизвесноста околу исполнување на условите од Договорот од Пржино.
Продемократската јавност, учесниците во Шарената револуција, целото граѓанско општество, будно го следеа секој чекор на политичката елита од ВМРО-ДПМНЕ, која ги попречуваше прогресивните зачетоци, особено во агендата на СЈО. Владејачката партија и натаму ја држеше државата во заложништво. Секој обид за напредок и кршење на синџирите на недемократската власт и враќање на правдата во правосудството, беше проследен со жестоки опструкции, од центрите на моќ. На 31 август сепак лидерите на четирите релевантни партии, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Заев од СДСМ и од албанскиот блок, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА, со посредство на меѓународната заедница, го потпишаа „анексот“ на Договорот од Пржино. На 11-ти декември, по трет пат беа закажани предвремените избори, кои требаше да бидат, кредибилни, фер и демократски. Изборите требаше да стават крај на политичката криза. Условите не се исполнија.
Изборите се одржаа. ВМРО-ДПМНЕ освои 51, или два пратенички мандата повеќе од СДСМ. ДУИ обезбеди 10, а ДПА само 2 мандата. Груевски повторно го доби мандатот. Преговорите течат, копјата се крашат околу СЈО и двојазичноста. Ахмети најави дека нема отстапки. Но, и Груевски, според Извршниот одбор на партијата, нема да ја премине „црвената линија“, особено по жестоката предизборна реторика упатена против албанскиот електорат и јасните ставови против легитимитетот на СЈО. Државата заглави во уште подлабока политичка криза. Граѓан(к)ите се во агонија. Стравот од неизвесноста, враќањето на стариот систем, кој ги држеше институциите под контрола е уште посилен. Потребата од медијаторство на меѓународната заедница, се чини повторно ќе биде имератив за иднината на македонската држава.
Моника Талеска