Премиерот на Албанија, Еди Рама, вечерва во Тирана одржува средба со лидерите на албанските партии во Северна Македонија, на која присуствува и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, јави албанскиот медиум „Њуз 24“, пренесува Радио Слободна Европа.
Според медиумот, тема на средбата е внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот за уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции.
На средбата учествуваат Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. Поканата ја одби Билал Касами од Беса. ДУИ, Алтернатива и ДПА се дел од владејачката коалиција.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за ТВ21 пред почетокот на средбата рече дека таа е „пријателска и братска“.
Средбата е пријателска, братска. Ќе ги видиме темите. Сите теми кои се профитабилни, особено ме интересира градење и зајакнување на заедничката стратегија за приближување на патот кон Европската Унија. Ова е исклучително важна мисија за нашата земја. Зајакнување на мирот, стабилноста и напредокот на економијата, изјави Ахмети.
Вчера за ЦИВИЛ Медиа од кабинетот на албанскиот премиер изјавија дека средбата е нормална, неформална и консултативна.
„Да, средба во Тирана ќе има, договорена е, но нема некој посебен план или агенда. Тоа е само една обична, неформална средба, нормална консултација”.
СДСМ средбата не ја гледа како проблем туку во насока на изградба на европски регион, објави ЦИВИЛ Медиа.
Еди Рама е докажан пријател на Македонија и на македонскиот народ, Албанија е наша пријателска земја со која заедно чекориме по европскиот пат и си помагаме, заедно сме во НАТО алијансата, немаме отворени прашања и економска соработка е на највисоко ниво преку иницијативата Отворен Балкан. Секоја средба, формална или неформална, што е во интерес на двете земји и двата народа е за нас во насока на градење европски регион, велат од СДСМ, пренесе Алсат.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагират дека „средбата во Тирана е за спас на политичките кариери на Ковачевски и Ахмети, поддржани од Апасиев кој глуми лажен патриот“.
Од партијата велат дека „Ковачевски нема ништо против средбата во Тирана, иако за македонски прашања се расправа надвор од државата, тоа е така зошто тој гледа гума за спасување на својата политичка кариера„
Од ВМРО ДПМНЕ прашуваат Дали средбата во Тирана е на барање на Ковачевски?
Кој ќе биде резултатот на средбата од Тирана, дали Ахмети ќе ги учи во Тирана за зелената агенда, или ќе му донесе втора тиранска платформа на Ковачевски, кој за да се спаси ќе треба да ја прифати?
Единствениот договор кој треба да го има помеѓу сите политички партии во Македонија, не во Тирана, е обединување против криминалот на СДС и ДУИ и договор за избори за народот да одлучи.