Бугарскиот Министерски совет денеска го повлече буџетот за 2026 година, по ескалацијата на масовните протести во земјата, поради буџет кој предвидува приватниот сектор да плаќа повеќе даноци и придонеси за социјално осигурување, а државата да добива повеќе пари.
Претседателот Румен Радев повика на оставка од владата и предвремени избори вечерта на 1 декември, по ескалацијата на протестите во Софија. Властите пријавија најмалку 10 приведени, како и двајца повредени полицајци.
Причината за незадоволството што трае со денови беше нацрт-буџетот за 2026 година и обидот на претставниците на владејачките партии ГЕРБ, БСП, ИТН и „ДПС-Нов почеток“ да го задржат, иако рекоа дека ќе го повлечат.
Демонстрантите бараат буџетот да се повлече, бидејќи значително ги зголемува платите на државната администрација, Министерството за внатрешни работи, армијата и судството, а во исто време го оптоварува приватниот сектор со повисоки придонеси за социјално осигурување и двоен данок на дивиденди.
Во соопштението на владиниот прес-центар испратено до медиумите на 2 декември, се наведува дека кабинетот му предложил на Народното собрание да донесе одлука за повлекување на Законот за државниот буџет за 2026 година. Тоа се случи на седница на владата што се емитуваше во живо, пренесе РСЕ.
Со истата одлука, се повлекуваат и предлог-законите за буџетите на Националниот фонд за здравствено осигурување и на Државниот фонд за социјално осигурување.
Одлуката на владата веќе е испратена до Народното собрание. По одлуката на парламентот, кабинетот ќе започне нова буџетска постапка, соопшти владиниот прес-центар.
Освен во главниот град на Бугарија, протести против буџетот имаше и во голем број други градови низ земјата. Тие се одржаа мирно и без ескалација. Сепак, во Софија, незадоволството се претвори во барање за оставка на владата и беше особено насочено против лидерите на ДПС-Нови позал и ГЕРБ – Делјан Пеевски и Бојко Борисов.
Д. Т.
Десетици илјади луѓе синоќа протестираа низ цела Бугарија против нацрт-буџетот за 2026 година
















































