„Тој перон со заглавеност го имаме и дома, а да стоиме долго на туѓа станица не ни треба. Посебно што може да не фати зима и да треба да носиме капи. Е тогаш може да дојде до промена на капите според модата, па некои наши сограѓани да почнат да носат шајкачи и шубари. Не дека ќе им биде тешко после да ги сменат со друга капа, туку ќе мора меѓу себе да се објаснуваме дали е тоа заради модата или заради главата.
И така ни останува да бараме некој друг правец. Кон небото да гледаме и да велиме дека сме небески народ нема да е добро. И тој правец во небеските правци е заземен од нашите драги соседи. Тие сите сметаат дека Господ е само на нивна страна и дека се од него предодредени за небесни народи.
Нема друго ќе мора да се потпреме на себе. Ние сме познати како добри домаќини и секој гостин ни е добредојден. Е штом е така, да ја повикаме таа Европа да ни дојде на гости. Да ни покаже како да изградиме правна држава. Како да направиме одржлива економија, како да се бориме против себе и корумпираниот карактер на нашите претставници и слични алатки, кои таа Европа ги употребува веќе со векови за да има пристоен живот за своите граѓани. Колку гостите ќе заседнат ќе зависи од нас и нашата способност да научиме тие алатки да ги користиме.“
Војо Маневски, 30 мај, 2021 Македонски патишта за Европа