Синоќа на полноќ истече рокот од 18 месеци, во кој Специјалното јавно обвинителство можеше да поднесе обвиненија за 31 предмет што ги презеде од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски и уште три случаи преземени од битолското и кумановското обвинителство. На 30 јуни истекува и рокот до кога СЈО може да поднесува обвиненија за предметите кои произлегуваат од прислушуваните разговори кои Зоран Заев му ги достави на 30 декември 2015 година.
Специјалното јавно обвинителство досега неколкупати побара да се продолжи рокот, но за законските измени е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, а ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека предвидениот рок од 18 месеци е веќе договорен и дека нема продолжување!
Од СЈО кое го предводи Катица Јанева, засега не сакаат да коментираат за тоа што ќе се случува со обвинителството во наредниот период. Се очекува СЈО да се произнесе во текот на денешниот ден.
Специјалната јавна обвинителка Јанева, на прес-конференцијата на 22 мај, побара од новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за СЈО.
Премиерот Заев, најави дека ќе се формира Специјално одделение во Основниот суд Скопје, во чија надлежност ќе бидат предметите што ги покренува СЈО.
Од Собранието засега нема најави за одржување на собраниска седница на која ќе се разгледуваат измените на законот за СЈО.
ЦИВИЛ – Центар за слобода на прес-конференцијата на 13 јануари 2017, категорично побара продолжување и проширување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.
ЦИВИЛ изразува убеденост „дека слабостите, незаконитото постапување, кршењето на изборните процедури, купувањето на гласови, заканите, злоупотребите, притисоците и уцените, како и низа други сериозни нерегуларности кои ги нотира ЦИВИЛ на изборите, се директна последица на втемелени во криминалните практики и постапки кои се надоврзуваат или имаат директна или индиректна врска со предметите што ги води токму СЈО“.
М. И.