„Пешачкиот премин е за слободно минување, не за смрт!“ е мотото на хуманитарниот концерт кој ќе се одржи во сабота, на 23 декември со почеток во 20 часот, во Младинскиот Културен Центар, во холот на кино „Фросина“. Концертот ќе биде одржан во чест на Тамара Тодороска.
Картата за овој концерт е 100 денари, и сите средства ќе бидат донирани во организацијата Autism Macedonia – Blue Firefly, организација која што се грижи за дечињата со посебни потреби.
На овој концерт, со оваа силна тематика, својата поддршка ќе ја дадат бендовите кои и ќе свират истата вечер: Fiction, Man in a Suit, Nova Generacija, M.Dancev & Band, Desease, Morfej, Metanoia и TV Rage.
Тамара Тодороска го загуби својот живот на 19 години, поради сообраќајната НЕкултура, непромисленоста и нечиј адреналин на улицата. Таа беше студентка на факултетот за дефектологија, и поради тоа парите ќе бидат донирани за дечињата со посебни потреби.
Ова беше еден од многуте несакани несреќни случаи кои се случуваат во Македонија, и покрај казните и покрај опасноста за кои сме донекаде свесни.
А.П.