Тимот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) доби неколку кривични пријави за кратко време. Оваа нова институција се воспостави како дел од Договорот за надминување на политичката криза во земјава, но од првиот миг е предмет на опструкции и оркестрирани медиумски напади.
„Специјалното јавно обвинителство ги отфрла како неосновани сите наводи од кривичните пријави.“ – изјави Ленче Ристоска за ЦИВИЛ – „Тврдиме дека од наша страна е постапено во рамки овластувањата што се предвидени со законот.“
Запрашавме како влијае целата атмосфера и тужбите на работата на оваа институција. „Општо земено, тоа не влијае битно, бидејќи ние си ја работиме работата. Навистина, донекаде и влијае во смисла дека се губи време, наместо да се насочам исклучиво на работата како обвинител, имам многу ангажмани поврзани со демантирање, појаснување на некои состојби. Тоа има извесен сегмент и на дефокусација, но не би рекла дека драстично влијае. Ние продолжуваме со работата.“
Според Ристоска, и досега во праксата на обвинителите имало бројни случаи на поднесување кривични пријави против обвинители од незадоволни странки во постапките. „Тоа не е преседан и не е ништо непознато за нас.“ – вели Ристоска – „Најважно е дека сето наше работење е во согласност со законот и во ниту еден момент не се пречекорени законските овластувања од обвинителите.“