Во текот на изминатата недела на медиумската платформа на ЦИВИЛ беа објавени повеќе колумни од добро познатите автор(к)и, чии имиња можете често да ги сретнете тука. Според статистиките, рубриката „Мисла“, останува најпосетувана, додека Сашо Орданоски останува најчитан автор на ЦИВИЛ Медиа.
Mинатата недела, рубриката „Мисла“ започна со колумнив кои вниманието го насочија кон изборот на новиот претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски . На таа тема колумни пишуваа Сашо Орданоски и Арбен Зеќири.
Така, во колумната насловена „Кому му пречи ЗНМ?“, Орданоски го опишува процесот на гласањето, поздравните говори на колегите, изборот на Чадиковски…
„Институтот за „втор круг на гласање“ е вообичаена статутарна постапка за, кога во првиот круг гласање постојат повеќе од двајца кандидати, во вториот круг да се решава за оние двајца кои освоиле најмногу гласови во првиот круг. Во случајов, бидејќи имавме само двајца кандидати, која е смислата за нивно прегласување во втор круг, кога е резултатот недвосмислено јасен? Што би се променило во вториот круг? Колку од „присутните членови“ би останале на второто гласање, ако веќе на првото шестмина си заминале или решиле да не гласаат? Намерата е да се избере претседател – или никогаш да не се избере претседател.“, пишува Орданоски, кој има свое посебно место на ЦИВИЛ Медиа, насловено „Добро утро со Орданоски“, каде секојдневно во 8 часот наутро се објавуваат неговите колумни.
Истиот ден, на темата ЗНМ, Арбен Зеќири, во својата колумна „Газди и партии, оставете го ЗНМ на мира!“, прашува: „Зошто газдите се толку загрижени за начинот на избор на претседател на ЗНМ? Зарем сакаат и во нашето независно здружение да ни бидат газди? Кај сакаат да нѐ продадат и да нѐ пазарат?“
Понатаму, Зеќири бара од партиите и бизнисот да ги тргнат своите раце од ЗНМ: „Ве молам, почитувани бизнисмени, газди и сопственици на телевизии, нѐ плаќате за работата во работно време, не пробувајте ни да помислите дека ќе ни ја купите и душата, мозокот и достоинството. А вие, политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, еднаш засекогаш помирете се со фактот дека ни насилството, ни вашите пари нема да нѐ покорат. ЗНМ ја обвинуваше и минатата влада и никогаш не стана алатка на опозицијата, ниту сега нема да биде алатка на тогашната опозиција и сегашна власт.“
Хусеин еф. Адеми во својата колумна „Чудовиште“ говори за монструозноста и говорот на омразата на социјалните мрежи, каде што се појавија постови со изрази на ситење и радост поради смртта на градоначалникот на Охрид. Тој остро ја осуди таквата реторика:
„Зошто највисоките раководства на ИВЗ и на МПЦ упорно молчат и никако во јавност не изнесуваат ставови во кои верата ги осудува сите облици на нетрпеливост и ширење омраза во овие многу чувствителни моменти кога на сите нас ни е потребно, еднаш за секогаш, да се погреба идејата за супериорност над поинаквиот?! Живееме едни наспроти други, а толку малку знаеме едни за други! И после било чудо кога некоја гнила и ситна душа, деновиве на ФБ доживува оргазам поради смртта на охридскиот градоначалник кој не е од неговата идеолошка опција. Колку ли човек треба да биде проветрен во мозочето за да си дозволи радост поради завршувањето на животот на еден човек? Монструозност, свирепост, дивјаштво, цицање крв, деструктивност и безмилосност! Ете, тоа е тоа! Зрел клинички случај што под итно треба да се третира на една од психијатриските клиники во оваа изморена и истоштена земја, Македонија“, пишува Хусеил еф. Адеми.
Војо Цветановски во својата колумна „Наследство“ опишува едно свое патување до Гевгелија и пишува за она што него го тера да остане во Скопје, а тоа е културниот живот кој сè уште постои во градот.
„Е, ова е тоа што ме останува во Скопје, си помислив. Ова е тоа што ме враќа секогаш назад. А сум имал милион прилики да заминам засекогаш од овој град. Ме држи тука тоа што знам дека Скопје секогаш давал супер креативци и супер кул градски ликови кои никогаш нема да го заборават Скопје, односно никогаш нема да заборават дека тие се наследството на овој град. ТНикогаш не смее да престане. Мораме да ги заборавиме мрачните моменти кои му се случија или му се случуваат на градов и мораме да продолжиме напред. Мораме на Скопје да му ги вратиме вистинските вредности“, пишува Војо.
Неделата продолжува со колумните на Сашо Орданоски и Џевдет Хајредини на политички теми.
„Додуша, ако стане претседател на државата, Заев ќе мора да ги напушти претседателските столчиња во неговата партија и во Владата, што ќе отвори неизбежна „граѓанска војна“ за негов наследник. Но, нема решенија без ризик, а од позиција на власт тие одлуки секако подобро се менаџираат. Ранети и мртви ќе има кај тој сдсмовски „О-Кеј корал“, ќе видиме кој е побрз на влечење, не велам дека за публиката ќе биде здодевно. Како што се гледа, сите околности укажуваат на тоа дека Зоран Заев нема да може да ја избегне сопствената кандидатура за претседателските избори идната година. Од таа функција патот води во историјата. Рано му е на Заев да се враќа на правење и продажба на ајвар“, пишува Орданоски во „Заев за претседател!“.
Џевдет Хајредини во својата колумна „Ахмети не го прочитал извештајот на Прибе“, пишува за интервјуто на Али Ахмети за Радио Слободна Европа, каде изјавил дека во текот на „заедничката власт со господинот Груевски се направени добри и корисни работи“.
„Можно ли е овој човек да не знае кој и како ја прекина таа негова заедничка власт со Груевски кога направиле „добри и корисни работи“. Дали е, на пример, добра и корисна работа, да се направи заробена држава, како што се констатира во многу документи на надлежни институции на ЕУ? Несфатливо е Али Ахмети за добри и корисни работи да ги смета сите оние работи што Рајнхард Прибе ги наведува во споменатиот извештај и поради кои, со странска интервенција, предвреме се прекина нивната заедничка власт (Пржински процес)“, пишува Хајредини.
„Да не го направеа 27 април, неоптоварена од насилствата, главната опозициска партија ќе имаше неспоредливо поголем маневарски политички простор дома, но уште повеќе надвор од државава. Од тогаш, наваму, нив никој не сака да ги види, како шуга да ги полазила. Политичките позиции ќе им беа многу покредибилни во сите аргументирања против политиките на власта, наместо вака, да се мотаат како мачки околу плот, бркајќи си ја опашката и докажувајќи дека насилниот патриотизам е легитимно средство во модерната политика… И заради 27 април, а и затоа што не смогнаа сила да ги осудат настаните и да се дистанцираат од нивните учесници, мисловно и идеолошки толку се занесоа кон десно, што ни зимски гуми не ги вадат од шарлатанската сцена на македонската крајна десница“, пишува Орданоски во „Што ќе беше да не беше 27 април?“.
Својата колумна „Ѕвезда на крвавото балканско него“, Дерала ја започнува со констатацијата:
„Во џунглата од настани и процеси, амнестии, закони, мерки и контрамерки, скандали, спинови, лажни вести, црни кампањи и говор на омраза, по некоја добра вест и многу лоши вести, купи ден помини, преживување за пет пари… Сѐ поминува некако премногу лесно, без поука и без план, како сега да учиме да одиме… Како да не ни се случиле ужасни и трагични нешта нам, туку како тоа да е само лош и конфузен филм, снимен на некој друг континент… Живеејќи го животот во ситни парченца, ловејќи ситни задоволства, како децата кога ги подаваат рачињата по меури од сапуница…“
„На конак кај Виктор Орбан, цврсторакиот граничар на Средна Европа, се најде „оф леле, леле“ – бегалецот… Тој Никола, не е само пријател на Орбан, туку пред сѐ, на Вучиќ, во разбирањето на лудачкото севластие, побратим во проекциите на сенишната архитектура. Чудно е што азилот не го доби во Србија, туку мораше да отиде во Орбановиот логор, ограден со бодликави ежови“, пишува Љубодраг Стојадиновиќ во колумна во „Пешчаник“ што ја пренесе ЦИВИЛ Медиа.
Минатата недела, Орданоски пишуваше и за претседателот Иванов, Законот за амнестија, Преспанскиот договор…
„Ако, пак, реши да го потпише, Иванов, практично, го формализира, но станува и соучесник во пазарењето за финализирањето на Преспанскиот договор во Собранието – тој ист Договор, усвоен во истото Собрание, што Иванов и така одбива да го потпише – што ќе резултира со промена на Уставот и промена на името на државата. Тоа, пак, ќе ја поттурне Македонија по шнел-штрасе за членство во НАТО!“.
Џабир Дерала во „Да се помириме. Со судбината…“ пишува: „Институциите останаа партиски штабови, со тоа што разликата сега е во тоа што тие, наместо на една, станаа партиски гнезда на сите партии, и опозициски и оние што се на власт. Вистинска кохабитација… Помирување сфатено на најлош можен начин. Се помирија криминалните умови, во стилот: „Има за сите!“ Или со повеќе детали: „Сега малку повеќе за нас, а вас не ве чепкаме, нека се тепаат тие на врвот, а ние да си живееме еден убав и богат живот на грбот на луѓето, а?“ Веќе одамна, секој ден добивам пораки, ми приоѓаат луѓе со своите проблеми. Често слушам дека се препознаваат некои промени, но дека тоа ни оддалеку не е доволно. Луѓето сѐ погласно се револтирани, затоа што праксата останала иста, а во многу случаи и полоша.“
Во „(Не)Обичните приказни“ на Војо прочитавме уште една приказна од културниот живот во Скопје.
„На шанкот сум сам. Кафулето е речиси празно. 18:30ч. Период кога градот одмара или мисли дека одмара. Шанкот, одлично изгледа. Полн е со пијалаци, баш онака како што треба да изгледа еден совршен шанк. Порачувам пијачка, 4 рози Х 2, во една чаша. Шанкерот кој е наспроти мене, момче, на околу триесетина години, делува прилично здрав. Има строг поглед и личи како цел свет да му е виновен за нешто. И, додека ги наточува четирите рози со строг поглед, правам анализа за тоа да проценам кој би можел да биде тој? Ми ја сервира пијачката пред мене. Заборавам на анализата“, пишува Војо во „Ја сакам музиката на Џони Кеш“.
Последниот работен ден од минатата недела, Орданоски во својата колумна „СЈО, СЈО, та преку ДКСК!“ пишува: „Сепак, нешто од проблемите се и од објективна природа. На пример, нема да биде лесно да се идентификуваат квалитетни кандидати за членови на ДКСК кои, од една страна, ќе бидат доволно „аутсајдери“ во тековната каша-попара на македонската политичка, кадровска и бизнис сцена; а, од друга страна, да го имаат вистинскиот баланс на знаење, искуство и карактер, па уште да бидат и заинтересирани за работа во ова тело. Кај нас корупцијата е толку распространета, што и борбата против неа може да биде вносен бизнис!“.
Работната недела не завршува в петок за сите колумнисти, па така имаме уште неколку во текот на изминатиот викенд.
Во „ВМРО-ДПМНЕ vs. СДСМ“, потписничката и на овој текст, пишува за сите оние секојдневни и непотребни „препукувања“ на главните политички актери, кои само ја префрлаат вината за нешто, а не прават ништо.
„Како ВМРО-ДПМНЕ не беше свесно за лошата економија и пред 3 години? Како не беа свесни дека дишеме најзагаден воздух и дека секојдневно некој умира како последица од тоа? Како не ја знаеа бројката на луѓе кои ја напуштаат земјата поради лошите работи во неа? Како СДСМ досега, за овие две години, не направи некој ефикасен план што ќе помогне да се намали загаденоста на воздухот? Како не може да направи СДСМ еден ефикасен план за да се олеснат проблемите во сообраќајот? Зошто сè уште не сме мрднале од место?“.
Хусеин еф. Адеми во својата колумна „Сите ние сме урнатина“, пишува за трагедијата на Алепо во Сирија.
„Овој бисер на Истокот, што илјадници години зрачи со позитива и убавина, конечно им стана плен на крволочните ѕверки од цел свет, почнувајќи од локалните пробисвети кои немаа слух за барањата на народот за слобода на изразување и смена на диктаторската власт која трае веќе 45 години пропратена со тортура, апсења и страшни измачувања во темнината на затворските зандани каде што населението го малтретираат со сомелени стаклени шишиња кои подоцна во форма на прав насилно им го вметнуваат во аналниот отвор за смртта да настапи за два-три дена во страшни болки и тешка агонија“, пишува Адеми.
Зоран Џамбаски, во својата колумна „Грашок-интелигенција“, пишува за говоро на омразата на Фејсбук:
„Бидејќи цел живот некој друг му кажувал што и како да прави: како да се однесува, кој учител или учителка мора да го учи (оти тој/таа била најдобра), со кого да се дружи… Бидејќи е од „фамилија“ (дел перманентно во ВМРО, дел во СДСМ – секогаш некој со владејачката гарнитура), мора да биде распореден на раководна функција (секретарче, директорче…), а негово е само да се појавува на настани, никогаш и ништо свое не предложил или поддржал, ако не е од лидерот. Нема инвентивност, иницијативност или иновативност, нема свое мислење, а за да се оправда „довербата“ за доделените позиции, нормално, мора на ФБ да ги постира сите објави од лидерите. Ама негов коментар… НЕ! Нема! Но исто така, во време на режимот, власта му овозможи да ползува субвенции и најповолни кредити од типот на оние „за млади брачни парови“ и слични привилегии, и тоа мора да го оправда.“
Со 17 колумни од 17-23 декември (во просек, повеќе од две на ден) ЦИВИЛ Медиа останува една од најинтересните интернет локации на чија платформа се води своевиден дијалог на креатор(к)ите на јавното мислење.
Ангела Петровска