По усвојувањето на Предлог-резолуцијата за Македонија во која Европскиот парламент бара транспарентна транзиција на власта во Македонија и соопштението на амбасадата на САД во Македонија, во кое беше изразена поддршка на ставовите на НАТО и ЕУ за доделување на мандатот за формирање на нова влада, и потпаролот на aмериканскиот Стејт Департмент, Марк Тонер, излезе со изјава за медиумите, во која се вели дека САД, заедно со НАТО-сојузниците и партнерите од ЕУ, постојано го следат процесот на формирање на влада во Република Македонија, по парламентарните избори од 11-ти декември.
„САД ги повикува македонските лидери да формираат нова влада без натамошно одложување на процесот, на начин и во согласнот со Уставот и со аспирациите на Македонија за влез во Европската унија и НАТО. Формирањето на нова влада која ќе се посвети на владеењето на правото и спроведувањето на потребните реформи, ќе помогне во ставањето крај на политичката криза која сериозно го попречува демократскиот и економскиот развој, како и евро-атлантската интеграција на земјата.
САД ги повикува сите партии да ги стават интересите на Македонија и на нејзините граѓани над сè, како и да работат заеднички и конструктивно, и целосно да ги имплементираат сите услови произлезени од Пржинскиот договор“, стои во соопштението на Стејт департментот.