Новата влада не смее да биде ни налик на онаа со која стопанисуваше осомничениот Груевски. Нема зошто вицепремиер за економски прашања да биде капиталист. Воопшто и нема потреба од таков ресор, министерот за економија треба да биде доволно добар. Нема потреба ни од министри без ресор. Ако се добри, нека бидат заменици или експерти во министерства соодветни на нивната експертиза. Не смее да има ресори за лижење асфалт под петиците на инвеститорите!
Нема потреба од министри или тела за спроведување на Охридскиот договор. Сакаме министерство за правда кое конечно ќе се занимава со право и правда. Сакаме влада што бескомпромисно ќе ги спроведува Уставот и законите, максимално ќе ги почитува човековите права и слободи, ќе спроведува слободни избори и ќе гарантира социјална правда, одржлив развој и владеење на правото. Ако тоа се случи, ете ви спроведен Охридски договор!
Не сакаме гломазна влада која вработува илјадници непотребни и скапи партиски шрафови, ефикасна за партиските апетити, а неефикасна за граѓанките и граѓаните. Не сакаме влада што ќе одржува баланс меѓу национал-шовинизмите, туку влада која ќе ја одржи етничката, верската и културната кохезија која ја создадоа граѓанскиот отпор и СДСМ. Владата мора да ги негува придобивките од ненасилната револуција, а не да ги уништи со компромиси и пазарење!
Парламентот сега ни го отсликува општеството, уназадено и наказно. Но, мора да се издигне над тоа! Не ни треба партиска војска од скапо платени човечиња во парламентот, туку куќа во која ќе се носат закони во согласност со Уставот и интересите на сите граѓанки и граѓани. А, владата треба да биде супер-модерна, секој ден да блеска со нови решенија за проблемите наталожени со децении. Да возврати на секоја назадна тенденција со супер-напредни мерки и решенија.
Конечно, ни треба влада што ќе му даде простор и на поединецот, да се развива вон и над етно-верските атари – атеисти, агностици, осаменици, вегани, рокери, панкери, даркери, технаџии, мелези… Да ги охрабрува мешаните бракови… Да ги легализира истополовите заедници… Сакаме модерна влада која ќе ги следи светските прогресивни трендови. Креативна влада, не апаратус за корупција на умот! Тоа беше Груевски и неговите мафијаши и фашисти. Направете од нив мрачна историја, а не неподнослива иднина!
Објавено во Плусинфо и Слободен печат (25/5/2017)