Кризната состојба во енергетиката не е предизвикана од протестите во Грција, туку е директен резултат на криминални тендери, лошо планирање и сериозна неспособност на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвини денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Од СДСМ посочуваат дека официјалните податоци говорат за огромни финансиски загуби во енергетскиот сектор. Само во првите два квартали од годинава, загубата изнесува 77 милиони евра, а проекциите покажуваат дека до крајот на 2025 година таа ќе надмине 100 милиони евра.
„Ова се поразителни бројки и јасен доказ за целосен распад на енергетското управување. Наместо стабилен систем, имаме хаос, загуби и криза која намерно се префрла на грбот на граѓаните“, велат од СДСМ.
Дополнително, партијата алармира дека државата се соочува со историски најлошо производство на електрична енергија. Од планирани 5.100 GWh домашно производство, не е произведена ниту половина од таа количина.
„Наместо да произведува домашна струја по цена од 80 до 90 евра за мегават-час, Владата купува скапа увозна струја по цена од околу 140 евра за мегават-час. Тоа е директна штета за државата и граѓаните“, нагласуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, прогласувањето кризна состојба служи како алиби за покривање на направените загуби и за нивно префрлање врз граѓаните преку повисоки трошоци и сметки.
СДСМ го отвора и прашањето за навремената набавка на мазут.
„Зошто мазутот не беше навреме набавен? Зошто се чекаше до последен момент? Дали можеби веќе постои однапред избрана фирма за снабдување со мазут?“, прашуваат од партијата.
Како особено загрижувачка ја оценуваат одлуката да се трошат преостанатите државни резерви на мазут без обезбедени нови количини, што, според нив, дополнително ќе ја продлабочи загубата на ЕСМ.
„Граѓаните го знаат одговорот – сѐ се прави заради тендери и профит за поединци. Имаме случаи со 161 тендер доделени на една фирма или исплата од 9 милиони евра на фирма со само двајца вработени“, обвинуваат од СДСМ.
Според партијата, загубата од над 100 милиони евра во енергетиката и буџетската дупка од една милијарда евра се директна последица на криминални тендери и корупција.
















































