ДРАГАН МИШЕВ
Несомнено, Новак Ѓоковиќ како тенисер е величина, и многумина со право го сметаат за најдобриот тенисер на сите времиња, но тажно е тоа што својот статус на божество го користи за да ги заведе широките народни маси и за спроведување на националистички агенди, наместо да биде вистински спортист, комплетна личност која испраќа пораки за љубов, взаемно разбирање, соживот и мир водејќи се од универзални вредности.
За Новак, и татко му Срѓан, лајтмотив во настапите пред публиката и во медиумите редовно е бомбардирањето на Србија од страна на НАТО, со кое се служи за манипулација со српскиот сентимент, кога вели дека го преживеал на седумгодишна возраст, свесно или несвесно потхранувајќи ги големосрпските наративи. Кога влезе во своето десетто финале на Вимблдон годинава, пред публиката изјави дека „како седумгодишно дете, за време на бомбардирањето на Србија, го гледал Вимблдон, и правејќи картонски пехари си ветил дека еден ден ќе стане шампион на Вимблдон“.
Се чини дека математиката не му е силна страна, а вистинољубивоста, во најмала рака, дискутабилна. Или е во прашае нешто трето, со далеку помалициозна агенда?
Новак , кој е роден 1987 година, седум години имаше во 1994 година, но тогаш беа бомбардирани делови од Босна и Херцеговина и Хрватска од страна на српските воени и паравоени сили, а не Србија од страна на НАТО. Тоа ќе се случи 5 години подоцна, во 1999 година, а тогаш Ноле веќе имаше 12 години.
А ни таа 1999 година не можеше да го гледа Вимблдон додека паѓаа бомби врз Белград, од едноставна причина што интервенцијата на НАТО траеше од 24 март до 10 јуни, а турнирот во Лондон таа година започна на 21 јуни.
И потоа ќе се жали дека никој не го сака, без да се запраша зошто публиката на 90% од терените каде што игра го исвиркува и покажува нескриено непријателство. Како тоа играчот кој освоил најмногу титули во овој спорт не е миленик на целиот свет, зошто не го сакаат и не навиваат за него туку за сите негови ривали?
Прочитајте повеќе
Случај Новак Ѓоковиќ: Предводник, маскота, или марионета на српскиот национализам?