Во базата на Единиците за брзо распоредување на МВР, во касарната „Ѓорче Петров“, денеска се одржа завршната вежба од обуката на припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи и на Армијата на Република Македонија.
Обуката ја спроведуваа тимови на специјалната единица на САД – „Фоки“, која започна на 31 јануари.
На денешната завршна вежба присуствуваа министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и министерот за одбрана Зоран Јолевски, како и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.
„Ова е, исто така, дел од заедничките напори на Македонија и САД во борбата против тероризмот што претставува и домашна и странска закана. Ова и е еден пример за блиската долгогодишна соработка што ја имаме со полицијата и војската на Република Македонија и знак на нашата посветеност за продолжување на тоа партнерство“, рече Бејли.
Министерот за внатрешни работи Нухиу ѝ се заблагодари на амбасадата на САД и истакна дека поддршката и обуката се клучни моменти за законските обврски на полицијата. Министерот за одбрана Јолевски, пак, изјави дека ова е првата од планираните 27 вежби кои треба да се реализираат со партнерите од САД, во повеќе сегменти.
Денешната обука се однесуваше на справување со терористички закани и напади, од вооружени поединци и групи во урбана средина.