- Путин прифаќа огромни загуби, недостатокот од квалитет го надополнува со квантитет.
- Итно треба да се обезбеди повеќе оружје за Украина.
- Путин не се подготвува за мир или преговори што би го почитувале територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на новинарско прашање дали е започната голема руска офанзива во Украина, кажа дека тоа веќе е реалност и дека Путин прифаќа висока стапка на жртви.
„Мислам дека реалноста што ја гледаме е дека веќе е започната, затоа што гледаме што прави Русија сега, што прави претседателот Путин сега, а тоа е испраќање на илјадници и илјадници нови војници, прифаќање на висока стапка на жртви, преземајќи големи загуби, но прави и голем притисок врз Украинците. Тоа што на Русија ѝ недостасува во квалитет, се обидува да го компензира во квантитет, што значи дека водството, логистиката, опремата, обуката го немаат истото ниво како кај украинските сили, но имаат повеќе сили“, изјави Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО ја истакна важноста на тајмингот, односно итната потреба од испорачување оружје за одбраната на Украина.
„Русите со спремни да ги испратат тие сили и да претрпат голем број на жртви. Значи за мене, ова само ја истакнува важноста за тајмингот. Итно треба да се обезбеди повеќе оружје за Украина. Колку поскоро можеме да испорачаме оружје, толку повеќе животи можеме да спасиме и подобро можеме да ги поддржиме напорите за изнаоѓање мирно решение за овој конфликт преку преговори“, истакна Столтенберг.
На прашањето кои дејствија може да се очекуваат од Русија на годишнината од инвазијата против Украина, Столтенберг одговори дека најважната порака е дека станува очигледно дека Путин не се подготвува за мир, ниту за преговори.
„Најважната порака е дека не гледаме било каков знак дека претседателот Путин за подготвува за мир, или дека е подготвен да преговара за нешто, со што би го почитувал територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Тоа што го гледаме е дека претседателот Путин и Русија сé уште сакаат да ја контролираат Украина. Затоа, единствениот начин да се осигура дека Украина ќе преовладува како суверена нација е да се продолжи со обезбедување на воена поддршка за Украина“, истакна Столтенберг на прес конференцијата во пресрет на Состанокот на министрите за одбрана на НАТО членките кој се одржува на 14 и 15 февруари во Брисел.
Џ. Дерала од Брисел