Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска ѝсе придружи на групата високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои нема притвор, но остануваат без пасоши.
Апелациониот суд Скопје одлучи присуството на ексминистерката за култура Елизабета Канческа Милевска, за судењето за случајот „Тендери“ на СЈО, да биде обезбедено со тоа што ќе ѝ биде задржан пасошот, и според него, ќе се елиминира опасноста од бегство, и таа ќе мора да остане во Македонија и да присисутвува на судењето.
Судот ја одби жалбата на Специјалното обвинителство коешто бараше најстрога мерка за обезбедување присуство за Канчевска Милевска – притвор.
Со слични, контроверзни одлуки, на групата „помилувани“ функционери на ВМРО-ДПМНЕ, им се приклучија и ексминистерката Гордана Јанкуловска и ексминистерот Миле Јанакиевски, за кои, при одлучувањето дали да им биде определена мерка притвор или не, апелациските судии го зеле во предид и нивното појавување на седницата, како и дадениот збор дека нема да избегат, како што, верувале или не, стои во решението објавено на официјалната веб страница на Апелацискиот суд?!
И за Јанакиески и за Јанкуловска, како и за сите останати функционери за кои е изречена мерката за претпазливост, второстепениот суд смета дека не можат да избегат само со лична карта, бидејќи податоците дека за нив има мерки на претпазливост, се внесуваале во компјутерскиот систем на МВР!
Од сите случаи по жалба пред Апелациониот суд Скопје, паднаа само три одлуки за притвор, и тоа за „Таргет“ и за „Тврдина“, против Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски од УБК и од Петтата управа во МВР, кои за разлика од сите граѓани досега – со решение за притвор, не беа веднаш притворени и добија право од Апелациониот суд да се жалат на нивните одлуки до Врховниот суд!
Врховните судии треба да одлучуваат за решенијата за притвор на функционерите од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Грујовски, Јакимовски и Бошковски. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, денеска потврди дека една од судијките е на боледување, но и оти седницата ќе почне денеска, а кога ќе заврши не се знае.
„Седницата ќе почне, а кога ќе заврши, е друго прашање! Тоа не е нешто што се работи на две-на три, има доволно време за убаво да се разгледаат сите жалбени наводи, одговори на жалба, докази, а кога ќе биде готово, јавноста ќе биде информирана за одлуката“, вели Вангеловски, со очекување дека најдоцна утре ќе се знае дали Грујевски, Јакимовски и Бошковски ќе отидат во притвор или не.
Целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ прунудно ќе летува во Македонија! Кривичниот суд по барање на СЈО одзеде 51 пасош, како мерка на претпазливост или за дел од обвинетите – како алтернативна мерка за мерката притвор. Без пасоши останаа Груевски, Јанакиески, Јанкулоска, Канческа-Милевска, Протуѓер, Мијалков, Пешевски, Димовски, Павловиќ – Латас, Талевска…