Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска беше во ненајавена посета на Бахмут, украинскиот град во регионот на Доњецк, кој руските сили очајнички се обидуваат да го освојат со месеци. Притоа трпат огромни загуби, но и Украинците трпат значителни загуби.
За време на средбата со војниците на најважната точка на фронтот во Украина во моментов, Зеленски истакна дека ситуацијата е тешка, додавајќи дека се надева на поголема поддршка од САД.
Ситуацијата овде е тешка. Има се повеќе непријатели, но нашите момчиња се похрабри. Ни треба помоќно оружје, рече Зеленски на средбата со бранителите на Бахмут. Тогаш еден од бранителите на Бахмут му се обрати на Зеленски: „Војниците што ги почестивте денеска напишаа прекрасно писмо за благодарност до нашите браќа во Америка. Ве молиме пренесете им го на Американците ако е можно“.
Ќе ја пренесеме нашата благодарност до Конгресот и американскиот претседател за нивната поддршка. Но, тоа не е доволно, одговори Зеленски, додавајќи дека Бахмут во моментов е најважната позиција на Украинците бидејќи го спречува натамошното руско продирање во Доњецк.
Истокот се држи затоа што Бахмут се бори. Ова е тврдината на нашиот морал. Во жестоки битки и по цена на многу животи, овде се брани слободата на сите нас. Бранителите на Бахмут ја заслужуваат нашата максимална поддршка и нашата благодарност. Затоа сум денеска овде со нив, тие се супермени, нагласи Зеленски.