Оваа Влада е стопроцентно определена за членство во НАТО и ЕУ и тоа така и ќе остане. Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски ги има коригирано своите ставови и ако денеска го прашате дали е за НАТО и за ЕУ, ќе ви каже дека е за НАТО и за ЕУ.
Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање за поранешни ставови на Рашковски за НАТО и ЕУ, посочувајќи оти во демократијата секогаш може да се изрази одредено несогласување и спротивставување за одредени состојби.
Заев истакна дека со зголемувањето на основицата за пресметување на платите од пет проценти, заедно со дежурствата специјалистите ќе добиваат 52.000-53.000 денари, а нашиот таргет е 100.000 денари.
Според него, тоа значи повеќе специјалисти да останат во државата, да не заминуваат.
– Правиме се, работиме на тие проблематики како да ги донесеме одлуките, а одлуките се во септември, заради тоа што се подготвува буџетот за 2019 година и веднаш ќе ги соопштиме преку медиумите до граѓаните, рече Заев.
Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност потпишаа денеска во Владата министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Денот на независноста, 8 Септември, ќе биде одбележан во дворот на Владата, под отворено небо.
Како што соопшти денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, предвидена е богата програма, а поканети се сите граѓани.
Агендата за посетата на германската канцеларка Ангела Меркел се уште не е прецизирана, но нејзиното совпаѓање со македонскиот државен празник 8 Септември само по себе зборува за симболиката, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Бошњаковски нагласи дека посетите на Меркел и на австрискиот канцелар Курц се билатерални.
Во Апелацискиот суд со мало задоцнување од најавениот термин, денеска продолжи јавната седница за жалбата на првостепената пресуда за Никола Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.
На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Наков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков дојдоа во Алецискиот суд.
А. Петровска