На посебна седница доцна синоќа, Владата го прифати Извештајот за извршените преговори за текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.
„Владата донела и одлука со којашто се определува претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, да го потпише Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, стои во соопштението до медиумите.
Денеска во 15 часот, премиерот Зоран Заев ќе одржи прес-конференција, на која ќе присуствува и министерот за надворешни работи Никола Димитров и на која јавноста ќе биде информирана за усогласениот текст на Договорот.
Парламентарните групи на ВМРО-ДПМНЕ бараат итна собраниска седница за Договорот со Бугарија, која според партијата, треба да се одржи пред заминувањето на пратениците на летен одмор на 6 август.